Џеф Безос е најбогатиот човек во светот и извршен директор на Amazon, сопственик на Washington Post и основач на фонд вреден 2 милијарди долари за помош на семејствата без домови и формирање нова мрежа од предучилишни установи за луѓето со ниски примања. Сте помислиле ли некогаш дека Безос го почнува денот и работата пред зори, дневно има повеќе од 10 состаноци и секоја недела носи битни одлуки? Вистината е сосема спротивна – тој користи против-интуитивен пристап за менаџирање со времето. Ова се неговите три клучни стратегии за продуктивност.
Доволно сон
Според The National Sleep Foundation, истражувањата покажуваат дека добриот сон ни помага јасно да размислуваме, подобро да паметиме информации и да носиме одлуки. Кога нема да добиеме доволно квалитетен сон, тоа ја загрозува нашата извршна функција, односно способноста добро да ги вршиме задачите на училиште, на работа и во останатите области од секојдневниот живот. Безос легнува да спие порано за да си обезбеди осум часа сон, затоа што вели дека така има повеќе енергија и подобро размислува.
Не договара состаноци пред 10 часот наутро
За разлика од директорите кои денот го почнуваат во рани зори, Безос својот ден го почнува со кафе, весник и појадок со своето семејство. На некои тоа им изгледа како целосно губење време, но Безос така се подготвува за денот. Она што е интересно е дека тој сите состаноци гледа да ги заврши до ручек.
Носи само неколку одлуки дневно
Како извршен директор, Безос наведува дека неговата примарна работа е да носи мал број квалитетни одлуки. „Ако имам три добри одлуки дневно, доволно е“ вели Безос. Тоа не значи дека тој бавно носи одлуки, туку смета дека за одржување на енергијата и на динамиката во компанијата мора да носите квалитетни одлуки за кратко време, што е едноставно за стартапи, но многу тешко за големи компании. Затоа Безос сака да носи само неколку одлуки кои ќе го носат Amazon напред. Во една прилика тој изјави: „Иако Amazon е голема компанија, сакам да има срце и душа како мала компанија“.