УСЈЕ донираше опрема за лабараторијата на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје

- Advertisement -

Опремата ќе придонесе за унапредување на условите за студирање на студентите, а дополнително ќе придонесе за полесно стекнување со нови знаења и искуства и нивна практична примена

Продолжува поддршката на Цементарница УСЈЕ АД за едукација на млади високообразовни кадри во Македонија. Во рамките на оваа своја заложба УСЈЕ донираше опрема, која делумно е нова, а делумно користена, за потребите на практичната настава на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Компанијата донираше техничка опрема со набавна вредност од околу 900.000 денари, со вграден софтвер кој може да се менува во склад со потребите на наставната програма. Опремата ќе придонесе за понатамошно подобрување на условите за студирање на ФЕИТ, а на студентите ќе им го олесни стекнувањето нови знаења и искуства за применливоста на наученото.

„УСЈЕ континуирано работи на поддржување проекти од јавен интерес, затоа што сметаме дека општествено одговорното делување и излегувањето во пресрет на различните општествени потреби е клучно. Сметаме дека образовниот сектор е од особена важност, оттука и континуираните вложувања во активности и проекти со кои на долг рок ќе помогнеме во создавање квалитетен и стручен кадар кој понатаму ќе се вклучи во професионална работа. Деловниот сектор со своето практично искуство мора да дава поддршка во образовниот процес, бидејќи само така ќе создадеме кадар кои ќе биде спремен да ги унапреди процесите во компаниите“, изјави Ефстатиос Политис, технички директор на Цементарница УСЈЕ.

- Advertisement -

Донираната опрема е целосно дигитална и е дел од актуелната производна програма на светски познатата компанија СИМЕНС. Се работи за нумеричка релејна заштита на електроенергетска опрема. Вградениот софтвер овозможува студентите да стекнат практично искуство во начинот на функционирање на нумеричката заштита, опциите на вградениот софтвер, можности за поврзување во компјутерски мрежи, како и за местата на примена. Опремата е целосно монтирана во лабараторијата и изведено е комплетно ожичување, а предадени се и папки со електрични шеми на врските. Опремата овозможува изучување на системи и начин на функционирање на средно и ниско напонско ниво.

- Advertisement -

„Соработката помеѓу корпоративниот сектор и образовните институции е од големо значење и треба заеднички да се стремиме кон нејзино интензивирање. На тој начин се обезбедуваат услови за подобрување на наставата и работењето и се зголемува квалитетот на образованието, што е една од нашите крајни цели. Опремата која Цементарница УСЈЕ ја донираше на ФЕИТ директно ќе влијае врз подобрувањето на условите за практична настава на факултетот, а се надевам дека ова ќе послужи како позитивен пример кој понатаму ќе го следат и други претставници на корпоративниот сектор“, истакна професор д-р Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Како дел од поддршката на Факултетот, Цементарница УСЈЕ на студентите им овозможува и посети на компанијата, при што тие може да се запознаат со практичната примена на знаењата кои ги стекнуваат во текот на образованието и со технолошките решенија имплементирани во една од најмодерните домашни компании. УСЈЕ во континуитет соработува со научно–образовните институции, а го помага образовниот процес преку доделување на стипендии за студенти на различни високообразовни институции, со посебен акцент на техничките науки.

Сподели!
- Advertisement -