Tip of the Week- Манипулација

- Advertisement -

„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење.

Дали некогаш сте биле изманипулирани, или сте се почувствувале изманипулирано или вие сте изманипулирале некого?!

Кога ќе слушнеме некој да каже „манипулација”, тоа веднаш нè асоцира на нешто негативно, односно дека некој искористил некого, за своја лична корист. Дел од дефинициите за „манипулација” се однесуваат токму на тоа: контрола над некого или нешто, со цел остварување за своја предност, најчесто нечесно или со нефер тактики (Cambridge English Dictionary).

Но, во суштина, манипулацијата не мора секогаш да биде и да значи нешто негативно. Според некои дефиниции таа претставува „акција да се изманипулира нешто, на вешт начин (Google dictionary), или „Таа е вешто снаоѓање, контрола или употреба на нешто или некого. Дали е скулптура што сте ја направиле на час по уметност или како сте го увериле вашето дете да ја напише домашната. И двете се сметаат за „манипулација” (www.vocabulary.com). Јас многу често, кога станува збор за манипулација, го давам примерот, „дали ако вашиот пријател ве изманипулира да не одите по тој пат, и ви го спаси животот, дали тој ве искористил и ве изманипулирал?!”.

- Advertisement -

Според ова, може да кажеме дека манипулацијата е вештина, техника, алатка и во однос на тоа кој и како ја користи таа може да биде негативна или позитивна. На крајот сè се сведува со личноста која ја користи и какви намери има таа. Е сега, на жалост, поради тоа што луѓето ја користат/злоупотребуваат манипулацијата т.е. техниките со цел да здобијат контрола, моќ, пари, углед, на штета или во корист на некој друг, ние ја перципираме како негативна состојба.

Инаку, ако мислите дека вие сте имуни на манипулација, се лажете. Секојдневно нас некој не манипулира. Постојано сме под влијание на социјални, економски, политички, маркетиншки и системски манипулации. Маркетингот, продажбата, преговарањето, промоцијата, сè се тоа манипулативни техники. Ги манипулираме купувачите и уверуваме дека нашиот производ или услуга е за нив. Разликата во продажбата, дали ќе биде негативна или позитивна, сепак е  манипулација, ако му продадете на купувачот некој производ кој знаете дека не му треба, тогаш е негативна, а ако му помогнете со вашиот производ/услуга и тој е благодарен на вас за тоа, тогаш е позитивна.

- Advertisement -

Еден од најголемите социјални експерименти (официјално евидентиран) се случил во едно средно училиште во Пало Алто (Калифорнија) и го спровел професорот по историја Рон Џонс. Според оваа вистинска приказна е сниман и филмот „Die Welle“. На час кога зборувале за Втората светска војна, еден од учениците го прашал професорот, како е можно цела нација (Германија) да биде изманипулирана од страна на еден човек и да ги заведе да направат такви дела. Со цел да им докаже како сето тоа било изведено решил да направи еден експеримент и да им покаже како е тоа можно. Проектот траел една недела, ги поделил во различни тимови, и секој ден им давал различни задачи, улоги, а тој ја играл улогата на лидер. Што се случило и повеќе детали за овој случај може да прочитате на следниов линк.

- Advertisement -

Ова е приказна за сите што не веруваат во психолошка манипулација или кои си мислат дека нив не може никој да ги изманипулира.

Во секој случај, манипулацијата е многу суптилна и тој што е вешт во неа, и ако има лоши намери, најдобро би било да бегате како од „ѓаволот”. Во прилог се некои совети што може да ги земете предвид со цел, колку толку да се заштитите од негативни манипулативни техники.

  1. Внимателно следење на зборовите: зборовите имаат многу манипулативна моќ. Користете ги внимателно и слушајте внимателно. Слушајте ги зборовите на соговорникот и размислувајте логично (рационално). Ако има потреба дефинирајте ги некои термини, поими и зборови.
  2. Говор на тело: следете дали сигналите со телото што ги испраќа соговорникот и поврзете ги со зборовите што ги кажува. Посебно внимание посветете на очите.
  3. Рационално размислување: ние одлуките ги донесуваме прво емотивно, а потоа рационално ги оправдуваме. Секогаш прво размислувајте логично, дали тоа што го зборуваат соговорниците има логика. Ако нема, парафразирајте или поставувајте потпрашања. На крај, пресечете емотивно.
  4. Инстинкт: кога ќе сретнете некого за прв пат, анализирајте ја „хемијата” која постои помеѓу вас. Колку и да ви звучи убаво, речито, вистинито, почувствувајте го телото што ви кажува. Ако не се чувствувате убаво, ако нема „хемија” помеѓу вас, во стомакот ви е мачно, слушајте го својот инстинкт. Телото понекогаш е попаметно од умот.
  5. Вежбање на умот: силен ум и емоционално и рационално, многу потешко се манипулира.

Развивајте ги вашите „манипулаторски” вештини, работете на подобрување на вашите вештини на уверување, преговарање и дијалог, но имајте позитивни, искрени и чесни намери кон соговорникот.

Со успех во промените,

Петар Лазаров, член на тимот

МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг

 

 

Сподели!
- Advertisement -