South Central Ventures им помага на македонските стартапи кои сонуваат за светски успех

- Advertisement -

Ако се осмелувате да сонувате и да бидете различни, ако ја следите вашата визија, но и одговаратe на барањата на пазарот, ако сте упорни, но не и тврдоглави, ако неуморно работите да оставите печат во светот и најдете начин да се справите со предизвиците кои ќе застанат на патот кон успехот можете да соработувате со South Central Ventures.

Фондот, тежок 40 милиони евра, е создаден да дава поддршка на стартапи и tech компании, за кои ќе процени дека имаат огромен потенцијал на глобалниот пазар. Во Македонија и во регионот постојат веќе три години, период во кој дале поддршка на 21 компанија во 3 држави. Идните планови и соработката со иновативните компании беше поводот да поразговараме со Игор Маџов од South Central Ventures.

(Разговараше- Сања Наумовска) 

Г-дин Маџов, South Central Ventures на нашиот пазар работи веќе три години. Какви се вашите искуства досега?

- Advertisement -

Кога South Central Ventures започна со работа кај нас беше прв Venture Capital фонд присутен на пазарот и на територијата на Западен Балкан. Во тој момент многу малку беше познато како функционира овој тип на фондови и каква е перцепцијата за инвестирањето преку удели. Интересот за фондот е голем од самиот почеток и со нашите канцеларии  во Скопје, Белград и Загреб ги покриваме не само  Македонија, туку и целиот Западен Балкан. Имавме можност да ги анализираме најдобрите tech компании од регионот кои развиваат продукти, но не само за локалниот пазар, туку кои имаат можност за атакување на глобалниот пазар. Сметаме дека секој старт-ап, па и македонските, доколку сакаат да се успешни, треба уште од основањето да размислуваат за поширокиот регионален и глобалниот пазар, односно да бидат водени и подготвени за пошироката слика. Таа ментална подготвеност на основачите за градење на глобални бизниси беше во почетна фаза пред три години, кога ние се појавивме на сцената. Состојбата оттогаш е многу подобрена заради многу фактори, вклучително и нашето активирање преку многу едукативни и менторски програми и активностите на акцелераторите и инкубаторите кои се присутни во Македонија. Сега Македонија одлично котира во фондот како пазар од само 2,5 милиони луѓе, споредено со Србија и Хрватска кои се значително поголеми, а значително предводи пред останатите екосистеми од западен балкан .

[quote]Секој старт-ап, па и македонските, доколку сакаат да се успешни, треба уште од основањето да размислуваат за поширокиот регионален и глобалниот пазар[/quote]

- Advertisement -

Колку инвестиции конкретно имате направено во изминативе три години во Македонија и генерално во регионот?

Фондот располага со 40 милиони евра и досега има направено 21 инвестиција во регионот. Во Македонија имаме три инвестиции и уште две кои што се во тек. Концептот на инвестирање на фондот е таков што вложувањата не мора да се само еднократни, и пракса е успешните компании да ги поддржуваме и во следните инвестициски рунди. Инвестициите  се концентрираат на  tech компании од раната фаза до фазата на раст, како и мал број на компании во seed фаза. Станува збор за финансии кои се движат од 100.000 евра до три милиони евра, зависно од компанија.

- Advertisement -

Каква подршка обезбедувате на компаниите кои ги финансирате и што тоа значи за нив?

Поддршката која ја нудиме не е само финансиска, ние се трудиме да обезбедиме  се` што е потребно за компанијата да постигне брз раст. Парите не секогаш се најважниот предуслов тој раст да се случи и затоа нашето искуство за развој на бизниси најмногу се цени. Обезбедуваме поддршка во поставување на деловните процеси, пристап до нашата мрежа на партнери и пристап до странски пазари,  како и правилно растење на тимот  и ангажирање на најдобрите кадри. Не секогаш компаниите најдобриот талент го наоѓаат во најблиската околина, затоа и најголемиот дел од тимовите се мешани. Во голем дел од овие 21на команија имаме инвестирано(коинвестирано)  заедно со други фондови. Од досегашните инвестирани сретства на фондот  имаме донесено плус осум милиони евра од надворешни инвеститори за да им обезбедиме подобро функционирање на нашите компании и пристап до пазарите.

Да се има VC фонд како партнер значи многу за довербата која ја согледуваат големите бизниси. Имаме случај една наша компанија да биде прифатена од голем глобален играч на пазарот како добавувач на софтвер, откако откриле дека таа е финансирана од нашиот VC  фонд.  За нив тоа значело валидација дека таа компанија е темелно прегледана од фондот и има ресурси да иновира и расте заедно со нивниот бизнис.

[quote]Обезбедуваме поддршка во поставување на деловните процеси, пристап до нашата мрежа на партнери и пристап до странски пазари,  како и правилно растење на тимот  и ангажирање на најдобрите кадри[/quote]

Со кои компании веќе соработувате во Македонија?

Во Македонија соработуваме со Inplayer и Cognism и двете се tech компании кои развиваат свои сопствени продукти за глобалниот пазар  со тимови од Македонија и Велика Британија. Тие добија не само основна, туку и дополнителна инвестиција од фондот, затоа што бележат голем успех  и раст во приходи и вработени. Cognism развива интелегенти решенија за продажба базирани на вештачка интелегенција, и бележи пораст на приходи од над 500% годишно.  Во случајот на Inplayer, тоа е компанија која во Македонија вработува повеќе од 80 лица, од ИТ секторот, најголемиот број девелопери и развиваат платформа за монетизација на дигиталени содржини .

Каков е планот на фондот за иднина, како ќе се одвива понатаму соработката со компаниите?

Ние, за разлика од некои фондови каде што се аплицира на повици, сме постојано отворени за компаниите на кои им е потребна поддршка и кои можат да не идентификуваат како партнер. Најмногу се специфицираме за B2B бизниси кои развиваат технологии и продукти за бизнис корисници. Тоа се многу поризични бизниси бидејќи никогаш не се знае дали навистина ќе успеат. South Central Ventures мора да размислува  за најдобриот интерес и за нашите инвеститори, тоа се Европскиот инвестициски фонд, Германската развојна банка KfW, Европската банка за обнова и развој, како и владите на Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора и Косово, кои имаат симболичен влог.

 

Како ја проценувате македонската старт-ап сцена, во однос на другите земји од регионот?

Македонската старт-ап сцена има периоди на растење и падови, но тоа е нормално за економии кои се во развој. Кај нас има здрав број на чинители, кои се подготвени да дадат поддршка на стартапите, нешто што пред пет години не беше случај и ако се споредуваме со некои поразвиени екосистеми од регионот како Србија или Хрватска не заостануваме многу. Пристапот до таленти со длабоки технолошки познавања, недоволно развиени програми за истражување и развој како и ограничени извори, се лимитации што ја уназадуваат Македонија. Но во споредба со поголеми пазари како Босна или Албанија сме сериозно понапред, според пристапот до ресурси и климата за развој на стартапи. Поради тоа од шест држави кои фондот ги таргетираше, досега инвестиции се направени само во три, во Македонија, Србија и во Хрватска. Сега, најава за инвестиции има и за Црна Гора и за Косово.

Фондот во регионот ќе биде присутен десет години. Кои се плановите за остатокот од овој период?

Како и кај секој VC  фонд, целта е да се вратат средствата што се инвестирани. Идеално е да се направи аквизиција од некој од постоечките големи глобални играчи на пазарот или пак, компанијата да отиде на берза, па ние како инвеститори да може да ги уновчиме уделите. Тоа се случува често, но не кај сите компании. Ризикот што секогаш го разгледуваме при инвестирање е дали компанијата во која би инвестирале во рок од три до пет години има потенцијал да донесе поврат за фондот во износ на целиот фонд. Ако го нема тој капацитет тоа значи дека потенцијалот на бизнисот не е доволно голем за да соработуваме. Овој начин на размислување не е многу присутен во Македонија.

Кај нас компаниите многу почесто се “грантисти” и од нив не се очекува многу, особено не да создадат таква значајна вредност и раст. Заради тоа и размислувањата и очекувањата на самите компании се често лимитирани. Разликата меѓу Македонија и другите екосистеми во регионот е токму во тој претприемнички потенцијал, во искуството за претприемништво. Ретко постои само сон дека една компанија може да  направи светски успех и тој сон не е поткрепен со компетитивен продукт и врвен тим. Овој тип на размислување “сонувај големи нешта и биди спремен да работиш напорно”, преку голем број на активности сакаме да го поттикнеме и меѓу младите кои се` уште се дел од образовниот систем.

На кој начин конкретно планирате да допрете до младите?

На тој начин што одиме на демо денови и презентации на кои даваме совети за бизнис планови и концепти. Заедно со многу други чинители во екосистемот играме значајна улога во дигитализација на општеството и промоција на вистински вредности при водење на бизнис. Погрешно е младите да израснат во свет во кој неуспехот е прифатен како крај на светот, како што е тоа случај кај нас. Затоа секогаш кога ги разгледуваме компаниите, се случува одбраните не секогаш да се основани од  многу млади и амбициозни луѓе, туку од млади  и поискусни професионалци кои имаат длабоки познавања и искуства. Тие се често комбинации на младиот дух на сонувачите, поткрепен со искуството на познавачите на технологииите и индустријата. Така, во 21 компанија кои се финансираат со средства на фондот, најмладиот основач на стартап има 23, а највозрасниот 56 години.

[quote]Во 21 компанија кои се финансираат со средства на фондот, најмладиот основач на стартап има 23, а највозрасниот 56 години.[/quote]

Сподели!
- Advertisement -