31 C
Skopje
вторник, август 4, 2020

Млади таленти од земјава имаат можност за високо-специјализирани обуки за визуелни ефекти, анимација и моделирање со поддршка на УСАИД

Kabtel desktop

Со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и во соработка со компанијата за филмски визуелни ефекти и 3D моделирање и анимација – FX3X, NewMan’s Business Accelerator и тренинг центарот VFX Nest го најавуваат стартот на две специјализирани обуки, за Визуелни ефекти и CG Анимација и Моделирање). По тој повoд разговаравме со Кристијан Даниловски, извршен продуцент на fx3x, Ирена Чаушевска , директор на ЊуМенс Бизнис Акцелератор и Миле Петрушевски , менаџер на VFX Nest

Разговараше: Верица Јорданова

Може ли да ни кажете повеќе детали за обуките? Како дојде до оваа идеја и која е целта која ќе се постигне со истите?

Кристијан (fx3x): Во текот на изминатата година увидовме дека постои потенцијал за повисок обем и профил на работа од актуелниот. Тоа подразбираше дека ќе треба да се модифицира и унапреди профилот на нашите aртисти за новите проекти, но и посериозно зголемување на бројот на истите. Сето тоа подразбираше нова програма за дообука, преобука и целосно нови знаења на артистите. Во тој момент исто така разговаравме со УСАИД – наш долгогодишен партнер, како и нивниот Проект за развој на деловниот екосистем. Nашите цели се поклопуваа и решивме заеднички да го започнеме овој проект.

Обуките требаше да започнат во првото тромесечие на 2020 но глобалната пандемија со КОВИД-19 ги промени плановите. Ова бараше и преадаптирање на обуките кон новите услови, но и ја промени ситуцијата и целите во индустријата, така што има влијание и врз фокусот на самите програми како и изведбата (доколку условите така налагаат, дел од обуките ќе се одвиваат и онлајн).

Ирена (Њуменс БА): Со години наназад младите кои имаат интерес за работа во областа на 3D моделирање, aнимација и визуелни ефекти, ваквото знаење го стекнуваа преку различни форми на самоедукација или неформални обуки со различен квалитет и времетраење, што резултираше и со различен успех на пазарот на труд. Од нашето 6-годишно искуство во едукација и остручување на вакви профил,и но и од соработката со компаниите кои имаат потреба од истите, свесни бевме дека најголем успех се постигнува кога програмата за обука е креирана заедно со компании кои се лидери на пазарот и најдиректно запознаени со идните потреби на истиот, и е изведувана од страна на ментори-експерти кои имаат големо практично искуство во областа. Оттука и нашиот интерес да сме дел од еден ваков проект.  

Во соработка со Проектот на УСАИД и компанијата за филмски визуелни ефекти и 3D моделирање и анимација – fx3x, како и заедно со колегите од тренинг центарот VFX Nest, креиравме високо специјализирани обуки, секој во својата област, кои имаат за цел да оформат високо платени и лесно вработливи кариерни профили во областа на филмската и ТВ индустрија и визуелните уметности. Дополнително имајќи предвид дека можноста за работа и на холивудски проекти преку соработката со fx3x носи и лична сатисфакција за секој од артистите и им овозможува стекнување на интернационално портфолио. Очекуваме обуките да влијаат и на задржување на младите во земјата.

Ирена Чаушевска, Њуменс БА

Кажете ни како колку учесници ќе бидат вклучени во овие обуки и како ќе оди процесот на селекција?

Миле (VFX Nest): Планираме да вклучиме помеѓу 45 и 60 учесници вкупно во двете обуки (Визуелни ефекти и CG Анимација и Моделирање). Она што ни е најбитно е да идентификуваме и привлечеме лица кои имаат желба и време во следниве пет месеци да поминат интензивен процес на остручување во една од двете наведени области и понатаму да ја градат својата кариера со компанијата fx3x, која е партнер во овој Проект, или во некоја од другите македонски компании кои работат во истата или сродни области.

Претходното искуство на кандидатите во областа секако е предност, но не е неопходно. Бараме млади таленти кои се вљубеници во филмските и дигиталните уметности и се спремни следните месеци, кога светот се уште ќе се справува со последиците од КОВИД-19 кризата, да ги искористат проактивно и да се посветат на стекнување што поголемо знаење во областа и усовршување и специјализирање на своите технички и уметнички вештини за филмска дејност согласно најновите барања на овој пазар, како за време на часовите, така и самостојно со вежбање и дома.

Ирена (Њуменс БА): Кандидатите ги селектираме и насочуваме со помош на два влезни теста, како и со помош на кариерни советници, а врз основа на барањата и потребите на компанијата вработувач. Станува збор за тест за кариерно профилирање и тест за основни познавања во областа со цел да знаеме со какво знаење стартуваат кандидатите, но и каква улога во тимот ќе им одговара во иднина.

Кандидатите што ги исполнуваат првично условите ќе добијат и кариерно советување со цел подобро разбирање што значи градење на кариера во едната, а што во другата насока, и како нивните лични и професионални карактеристики врз основа на резултатите од кариерниот тест одговараат повеќе на едната или другата професија. Дополнително ваквите советувања ќе им помогнат на кандидатите и подобро да се претстават пред потенцијалните работодавци.

Какви знаења и вештини ќе стекнат учесниците на обуките за Визуелни ефекти за филм и за 3D моделирање и анимација? Кој ќе им ги пренесе знаењата?

Миле (VFX Nest): Обуката за Визуелни ефекти за филм ќе им овозможи на кандидатите градење на кариера како Артист за Визуелни ефекти и работа на интегрирање на дигитални елементи во претходно снимени материјали за филм или телевизија. Обуката пак за 3D моделирање и анимација ќе им овозможи да започнат кариера како CG Артист и да работат на компјутерски генерирани анимации и симулации, како и AR/VR/Game проекти.

Обуките ќе бидат изведувани од страна на ментори-експерти со над 15 години искуство во индустријата со учество во преку 100 холивудски наслови, кои освен стручно знаење ќе им претстават и многу практични примери и ќе ги запознаат со најбитните tips & tricks во индустријата што е од огромно значење за кандидатите да се стекнат со знаења и вештини употребливи на пазарот на труд.

Имајќи предвид дека најголемиот дел од ангажираните ментори-експерти доаѓаат од партнерската компанија fx3x и искуство во работа на некои од најголемите филмски франшизи како: Terminator, James Bond, Fast and Furious, Transformers, X-Men, Mission Impossible, Spiderman, Hunger Games, Alien, Jason Bourne, Star Wars, Star Trek, Marvel, DC Universe и многу други, очекуваме пренесување на високо-квалитетно знаење, но и позитивна енергија за време на обуките.

Миле Петрушевски, VFX Nest

Она што секако е најважно, има ли на македонскиот пазар побарувачка за вакви професии? Каде ќе се вработат и ќе ги применат стекнатите знаења оние кои ќе ги завршат обуките?

Ирена (Њуменс БА): Еден од поголемите побарувачи на вакви кадри секако е компанијата fx3x која се јавува и како партнер во проектот. Дополнително постојат и други помали студија за дигитална анимација во земјата, како и ТВ продукции.

Индустријата за развој на дигитални видео игри зема се поголем замав на македонскиот пазар, така што и тука гледаме простор за соработка во однос на пласман на кадарот. Кариерни профили со вакви знаења се потребни и во маркетинг агенциите заради изработка на дигитални реклами, а и во компании кои работат осмислување и развој на продукти или цели производствени процеси заради нивна визуелизација (пр. машинско производство), како и во архитектонската и градежната индустрија. 

FX3X е веќе добро етаблирана компанија со богато искуство во работа со Холивуд. Каква е моменталната побарувачка на Вашите услуги?

Кристијан (fx3x): Компанијата fx3x е на глобалниот пазар повеќе од 15 години и работејќи на преку 150 високо буџетни холивудски филмови и ТВ серии за овој период имаме собрано солидно искуство за движењата на глобалниот пазар. Почнувајки од март 2020, во глобалната филмска и ТВ продукција има целосен застој предизвикан од пандемијата со КОВИД-19. Буквално сите поголеми проекти кои требаше да се снимаат во првите три квартали на 2020 се ставени во мирување додека не се овозможат услови за продолжување или отпочнување на истите.

Ова значи дека во моментот целокупната филмска индустрија (истото важи и за визуелните ефекти) работи со минимални капацитети исклучиво на довршување на проекти чие снимање завршило пред пандемијата. Како дел од оваа индустрија, ова секако влијаеше и на нас, така што и ние во овој период работиме со сериозно редуцирани капацитети.

Но, од друга страна, актуелната ситуација е одлична можност да се позиционираме уште подобро на глобалниот пазар по ставањето на пандемијата под контрола. Ова посебно затоа што по рестартирањето на продукциите во третиот квартал оваа година и комплетирањето на истите, веќе од почетокот на 2021 ќе има значително зголемена потреба од нашите услуги на глобалниот пазар споредено дури и со периодот пред пандемијата.

Ние веќе превземавме активности за понатамошно технолошко унапредување на начинот на работа согласно најновите текови, имаме целосно имплементиран и сертифициран WFH систем (работење на далечина), а истото планираме да го направиме и на кадровско ниво, со дополнителна обука на постоечките но и креирање на нови артисти.

Тоа е и главната мотивација за започнување на овој циклус на напредни обуки и креирање на дополнителен човечки капитал со кој ќе можеме да одговориме на новите предизивици.

Кристијан Даниловски, fx3x

Има ли простор земјава да стане еден вид на регионален хаб за визуелни ефекти?

Кристијан (fx3x): Со оглед на потенцијалите и технолошките капацитети на Фх3х, може веќе да се каже дека тоа ќе стане и реалност по завршувањето на кризата во глобалната филмска и ТВ индустрија.

Може ли да ни појасните зошто е важна целата оваа активност за македонската економија?

Ирена (Њуменс БА): Овој Проект е навистина значаен затоа што ја поврзува побарувачката на високо-стручни работни профили со кандидати кои имаат интерес и капацитет да ги стекнат потребните знаења и вештини, кои може но немора да имаат претходно високо образовани во некоја област. Што значи директно влијае на намалување на младинската невработеност и притоа креира лесно вработливи кадри на позиции со додадена вредност и високи примања конкурентни на пазарот на труд.

Дополнително, проектите на кои успешните кандидати ќе имаат можност да работат во иднина се посебно атрактивни и очекуваме за многу млади ова да има клучна улога при одлучувањето дали ќе останат овде или ќе бараат подобри можности во странство.

Од економски аспект, со оглед дека при изведувањето на работата со дигитални Визуелни ефекти и 3D моделирање не се вклучени скапи суровини и репроматеријали кои се увезуваат од надвор, туку се работи за креирање на нова вредност преку ангажирање на интелектуални и креативни капацитети, целите остварени приходи остануваат во државата и влијаат на подобрување на целокупната економска состојба.

За прв пат најголемиот дел од вредноста на обуките е обезбеден од страна на организаторите во соработка со Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и компанијата fx3x. Може ли повеќе детали за ова?

Миле (VFX Nest): Станува збор за обуки кои се скапи за организација, подготовка и реализација на вака високо ниво, пред се затоа што професионалците кои имаат такво знаење, а и вештина истото да го пренесат успешно на други се во мал број и во земјата па и во регионот. Дополнително станува збор за материја која е динамична и постојано се менува со напредокот на технологијата, но и на техниките кои се користат во пракса кај светските студија, а дополнително ќе има промени и нови стандарди наметнати и од Ковид пандемијата, што значи дека и самиот материјал за обука треба внимателно да се подготви за да создаде квалитетна основа кај учесниците за совладување на таков тип на знаење и во иднина преку самата работа, што во пракса значи не материјал кој е лесен да се научи на памет туку кој ќе поттикне размислување, квалитетни дискусии со менторите и длабинско навлегување во суштината на материјата и начинот на работа на овие софтвери.

Само за референца, обуки од оваа тематика со сличен па и помал број на часови но на пониско ниво во изминатите неколку години чинеа помеѓу 3 и 6 илјади долари по учесник, што е навистина многу за еден млад човек да ги обезбеди однапред, пред добивање на платен работен ангажман. Сега со поддршката на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и компанијата fx3x овој трошок е сведен на 450 долари со можност за плаќање и на рати. Со ова, ваквиот вид на знаење и кариерните можности што истото ги овозможува стануваат достапни за многу поголем број на млади лица, што на нас како тренинг центри ни овозможува да дојдеме до уште поквалитетни кандидати на кои можеби претходно финансиите им биле пречка да се пријават, а за работодавците ќе значи можност за пристап до поквалитетен кадар.

Кои се очекувањата на организаторите? Процесот на пријавување е во тек. Каков е првичниот интерес?

Ирена (Њуменс БА): Интересот досега е доста голем и за двете обуки, и иако сме на почетокот на промоцијата, веќе 30% од местата се пополнети. Селекцијата ја вршиме тековно од листите на пријавени кандидати и повикот ќе биде отворен се до пополнувањето на групите, а најдоцна до крајот на овој месец односно до 31 јули. Самите обуки ќе стартуваат две недели подоцна на 17ти август и ќе траат до средината на јануари следната година. Сите кандидати кои успешно ќе ги поминат обуките и реализираат завршните проекти ќе добијат и Сертификати за успешно помината обука.

Имајќи во предвид дека за прв пат со пријавените кандидати ќе работи и тим на кариерни советници, очекуваме кандидатите да влезат уште поспремни во процесот на обука и да покажат поголема посветеност за време на истите, целосно свесни дека треба максимално да ја зграпчат можноста што им е дадена. Дополнително, фактот што обуките ќе ги водат искусни експерти со повеќедецениско искуство на светскиот филмски пазар очекуваме значително да придонесе за успешноста на кандидатите.

Посебно не радува што оваа година воведуваме изучување и на нови софтвери и техники на работа според најновите потреби од индустријата и покриваат изучување, покрај на основите и изработката на елементи за композитинг, и на напредни техники на целосно интегрирање на елементите во сликата кај обуката за Визуелни ефекти во VFX Nest, а кај нас во 3D Моделирање и Анимација додаваме и техники за обработка на анимација со Motion Capture, како и изучување и апликација на Game Engines: Unity/Unreal и основи на Virtual Reality/Augmented Reality, кои ќе им овозможат на нашите учесници висока конкуретност и на поширокиот пазар на труд како во примарната, така и во сродните дејности.

И кај двете обуки на крајот е предвиден и бонус предмет кој исто така за прв пат се воведува: Pipeline introduction односно Воведување во процесот на работа во компанијата fx3x. Очекуваме знаењето стекнато за време на овој предмет на успешните учесници да им овозможи полесно и побрзо вклучување во работните процеси и скратување на почетничкиот статус во рамки на самата компанија односно побрзо вклучување во работа на посериозни и поинтересни проекти, што е од големо значење за Артистите но секако и за компаниите. 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •