Financial Times објави голем напис за Мате Римац, во кој во самиот вовед пишува дека многумина го споредуваат со Илон Маск. Наведуваат дека заедничко им е тоа што и двајцата се луѓе кои направиле револуционерни автомобили, кои достигнуваат рекордна брзина. Токму затоа и двајцата се фалени, а заедничко им е и тоа што имаат неконвенционални локации на коишто се произведуваат нивните автомобили. Financial Times ги потсетува читателите дека автомобилите на Teslа се произведуваат во Калифорнија, додека автомобилите на Римац се произведуваат во Загреб.
Кога компанијата Tesla го произведе својот прв автомобил, Roadster, во 2008 година, Илон Маск имаше 37 години. Римац денес има само 30 години. Tesla минатата година произведе 100.000 автомобили, а годинава тој број може да се триплира. Автомобилите на Римац, пак, може да се пребројат на прстите на рака, додава Financial Times.
„Чест е да ме споредуваат со него, но Tesla е многу поголема компанија. Сте можеле да не споредите и со Mercedes“ вели Римац.
Римац појаснува дека Маск ја основал компанијата со пари кои ги заработил од продажбата на PayPal, додека тој го почнал својот бизнис во гаражата на своите родители. Им раскажал и како претворал еден автомобил BMW во возило кое ќе има погон на батерии, но ќе може и да се трка. Rimac Automobili својот прв автомобил го претставија на саем за автомобили во Франкфурт и добија нарачки за осум возила, а последната од тие нарачки уште се подогтвува. Нивниот втор автомобили, C_Two, кој достигнува максимална брзина од 415 km/h, ќе биде произведен во 15 примероци, а секој ќе чини по 2,1 милиони долари.