32.8 C
Skopje
понеделник, јули 4, 2022

Црна Гора развива елитен, Словенија медицински туризам, а Македонија без компас

Kabtel desktop

За разлика од другите земји во регионот, Македонија нема стратегија каков туризам развива и какви туристи сака да привлекува. Неопходно е итно донесување на стратегија за туризам, промена на сегашниот модел на субвенционирање и поголема комуникација и координација на приватниот сектор со институциите надлежни за развој и поддршка на туризмот.

Ова е генералната констатација од денешниот Форум за туризам кој Стопанската комора на Македонија го организира заедно со другите партнери на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

“Црна Гора се определи за елитниот туризам и инвестиции во хотели од високи четири и пет ѕвездички преку привлекување на странски брендови. Тој модел дава одлични резултати и сега инвестициите се пренасочуваат кон елитен планинскиот туризам – рече Лука Булатовиќ, сопственик на црногорската туристичката агенција „Експлорер“, која минатата година донесе најмногу туристи во Црна Гора.

Тој предлага Македонија да не копира други туку да се фокусира, на пример, на гастрономијата и конгресниот туризам. Негова препорака е развој на јавно-приватно партнерство во националните паркови каде што може овие природни добра да ги даде на управување на приватен капитал кој ќе го развие туризмот. Таков пример веќе применува неговата компанија во Црна Гора.

Словенија пак се реши за афирмирање на земјата како зелена дестинација, дестинација за активен и медицински туризам.

“Ние не градиме хотели, туку кампови во кои туристите се поврзани со природата. Се преферира активен туризам и здрав туризам. Така имаме подобра искористеност на природата. Клучот е во развој на иновативни производи и нивно комуницирање преку дигиталните канали кои овозможуваат прецизен фокус на туристите кои ги посакуваме“,вели Нико Славнич, косопственик на туристичкиот водич In Your Pocket и еден од експертите кој учествувал во изработка на стратегијата за туризам на Словенија.

Македонските институци, пак, сѐ уште не се определиле на кој туризам да стават акцент. Напоредно се работи на две стратегии, едната краткорочна до 2020 година и втората долгорочна до 2030 година која се работи со Светска банка и треба да ги определи кратките, средните и подолгите рокови за развој на одделни сегменти од туризмот.

– Моментно работиме на подготовка на 20-тина мерки за развој на масовниот туризам но во план се и изготвување стратешки анализи за развој на одделни сегменти како онаа што веќе е во функција за спелеологијата, но не ги забораваме ниту алтернативниот туризам, руралниот, еко-туризмот. Имаме можности туризмот како гранка да придонесува не само со 1,6 или 2,6 отсто во домашниот бруто производ (БДП), туку со над 5 отсто или 10 отсто во подалечна иднина – рече Зоран Павловски, државен секретар во Министерството за економија.

На Форумот присуствуваа претставници на бизнис заедницата, владини претставници, како и домашни експерти кои споделија свои искуства со предлози за развивање на секторот за туризам и угостителство.

 


Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!