Идната година во кампусот на техничките факултети ќе никне првиот научно-технолошки парк

- Advertisement -

Првиот научно-технолошки парк во Македонија треба да почне со работа следната година на локација кај кампусот технички факултети со ангажман на кадар од универзитетите. Стартната инвестиција за проектот на Министерството за информатичко општество и администрација и Фондот за иновации и технолошки развој е близу 2 милиони евра. Веќе има интерес од 150 компании за правење истражувања во паркот, каде што државата нема да биде ниту сопственик ниту раководител, а таа улога ќе ја имаат академскиот и приватниот сектор.

На денешната презентација на физибилити-студијата за проектот, која е изработена со финансии од Европската унија, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, истакна дека во проектот се вклучени сите универзитети, студенти и стопанските комори кои ќе бидат носители на активностите.

- Advertisement -

„Локацијата што е предложена за технолошкиот парк сметам дека во моментов е најдобра затоа што сакаме да создадеме нов вид претприемачка култура и размислување на младите и да се обидеме она што го зборуваме цело време – да ги задржиме во Македонија. Тоа ќе го направиме така што ќе се обидеме да ги поддржиме во најризичната фаза на стартување некаков вид бизнис од идеја, без притоа да треба да се задолжуваат и да размислуваат за начини за напуштање на државата за да реализираат некоја идеја “ рече Манчевски, потенцирајќи дека ова е една од мерките за претворање на Македонија во атрактивна бизнис-дестинација.

Концептот на научно-технолошкиот парк ќе се базира на три столба: поддршка на процесот на дигитализација во економијата и целото општество, трансфер на технологии, во кој дел поактивно би се вклучила академската заедница со финансиска поддршка од Владата за развивање нови технологии кои ќе најдат примена во економијата, како и акцелерација на стартап-компании. Тие ќе добијат акцелераторска програма и финансиски средства да растат брзо.

- Advertisement -

 „За трите столба веќе има иницијативи што се реализираат. Целта е да дадеме фина организациска рамка, ќе им понудиме партнерство на универзитетите и на деловната заедница да се вклучат како сопственици и да препознаат свој интерес и ќе видиме како функционира многу бргу, уште во 2019 година“ рече директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

Првичната студија покажала дека од 500 компании, 150 изразиле интерес да се вклучат во паркот, што, според Деспотовски, покажува дека во следната фаза ќе биде потребен и дополнителен простор и ангажман на луѓе. Финансиските средства за почеток на активностите се дефинирани на 1,5 милион до 2 милиона евра заедно со средствата за првично приспособување на објектите и за купување основна лабораториска опрема која сега недостига на универзитетите и оперативни трошоци за функционирање, информира тој, посочувајќи дека се почнува со средства и иницијативи кои се расположливи за да може да има што побрз почеток на активностите.

- Advertisement -

Како што појасни Александар Баковски, тим-лидер на студијата за изводливост, технолошкиот парк ќе се фокусира на поддршка на стартап-компаниите.

 „Сакаме да го забрзаме растот на стартап-компаните затоа што веќе има голем број организации кои се занимаваат со овој проблем и даваат поддршка, има инцијативи и организации и успешни приказни. Направени се голем број стартап-компании, но последните извештаи од стартап Македонија покажуваат дека тие не го достигнуваат растот, туку ги запираат своите активности. Тие прават еден производ, се обидуваат да го наметнат на пазарот, но немаат успех. Ние треба да им помогнеме да ги подготват своите производи за пазарот и да станат интернационални затоа што тој дел моментно недостига во постојниот систем за компании“ укажа Баковски.

Меѓу поставените цели е и развој на дигитални лаборатории во паркот кои ќе даваат информатички услуги за поддршка на останатите компании. Тие ќе бидат дигитални лаборатории за соработка на компании, а ќе го поддржуваат и јавниот сектор кој има голема потреба од дигитални алатки. Се предлага да се спроведе и концепт на клубови за живеење каде што клиентите ќе работат заедно со компаниите на развој на технологии што ќе ги исполнат нивните очекувања.

(МИА)

Сподели!
- Advertisement -