Иако во текот на годината почесто се пишуваше за електричните и автономните автомобили, сепак годината ја одбележаа електричните скутери. Ако не го следите овој пазар, можеби не сте чуле за компанијата која изнајмува електрични скутери Bird и ќе се изненадите кога ќе чуете дека ова е стартап кој за рекордно време достигна вредност од милијарда долари. Компанијата е основана во 2017 година, а веќе во мај годинава вредеше милијарда долари, додека со новите инвестиции вредноста и порасна на речиси 2 милијарди долари.
Електричните скутери станаа популарни особено во САД како т.н. last mile превоз, односно од гаража или од автобуска постојка до работа или до дома. Тие не се паркирани на посебно место, туку луѓето кога ќе стигнат до крајната дестинација ги оставаат каде што сакаат. Доволно е само да се стартува апликацијата на која се гледа мапа со најблиските скутери и преку апликацијата го отклучувате скутерот и плаќате.
Едноставноста на изнајмувањето, како и брзината на движење по улиците и избегнувањето на сообраќајниот метеж освоија голем број Американци, а овој начин на превоз станува се попопуларен и во Европа и во светот.
Освен Bird, во САД е популарен и Lime, а колкав е потенцијалот на компанијата најдобро говори фактот дека во компанијата пари инвестираа и Alphabet и Uber, додека Ford за речиси 100 милиони долари да купи компанијата која изнајмува електрични скутери Spin. Исто така, Uber годинава ја презеде и компанијата JUMP Bikes за изнајмување електрични велосипеди.
Сите тие податоци покажуваат не само дека моментално се популарни електричните скутери, туку и дека имаат голем потенцијал да го променат начинот на кој луѓето го користат превозот. Во текот на следната година можеме да очекуваме нови инвестиции на овој пазар и ќе биде интересно да се види дали и други технолошки и автомобилски компании ќе се префрлат на ваквиот начин на превоз.