Една четвртина од Македонците не прочитале ниту една книга годинава!

- Advertisement -

Речиси две третини од граѓаните не се задоволни од културата, една четвртина оваа година не прочитале ниту една книга, малку слушаат радио, не читаат списанија и весници, а им фалат концерти. Ова се резултатите од предновогодишната анкета на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност ИНАКУ од Скопје под заеднички наслов „Културен барометар“.

Според резултатите од анкетата, од вкупно 690 испитаници, 170 лица прочитале само една книга, 160 прочитале две книги, 130 прочитале три книги и 130 не прочитале ниту една книга. Освен ова, во анкетата имало прашања и за читање весници и списанија, посети на концертите, ликовни изложби, театри, кина, гледање телевизија, слушање радио и слично, со цел да се согледа за што се заинтересирани граѓаните, односно колку и што следат и конзумираат од културната понуда во текот на годината.

- Advertisement -

На прашањето кога последен пат биле на концерт, 430 одговориле дека биле во 2018 година, 120 во 2017 година, десет во 2016 година, а другите воопшто не биле на концерт. На ликовна изложба годинава биле 170 испитаници, лани биле 70, а во 2016 биле 20 од нив. Театарот во 2018 година го посетиле 545 од анкетираните, 70 во 2017 година, а 20 во 2016 година.

На прашањето кога биле во кино 420 одговориле во 2018 година, 80 во 2017 година, а 30 во 2016 година. На прашањето дали слушаат музика одговориле потврдно 630, негативно 30, а од нив 190 слушаат поп музика, 110 слушаат фолк и изворна, рок 30, забавна 50, а 160 слушаат сѐ.

- Advertisement -

На прашањето дали гледаат телевизија 220 одговориле дека воошто не гледаат телевизија, 210 по два часа на ден, 130 по 3 часа дневно и 70 по 4 часа дневно. Од нив 130 гледаат серии, 140 вести, 70 филмови, 50 документарни емисии, 40 спортски натпревари.

На прашањето дали слушаат радио 250 одговориле дека не слушаат воопшто радио, 150 дека слушаат по 8 часа дневно, 60 по еден час на ден, 55 по два часа на ден и 50 по четири часа дневно. Од нив 70 слушаат Фортуна, 40 Зона радио и 35 слушаат 103 радио.

- Advertisement -

Од анкетираните 490 не читаат воопшто списанија и весници, 60 се определиле за Убавина и здравје, 30 за Глорија, 40 за Слободен печат, 30 за Нова Македонија и 20 за Вечер.

На прашањето дали се задоволни од културата 240 одговориле потврдно, а 450 негативно. Од нив со оценка четири одговориле 130, со три ја оцениле културата 230 испитаници, со два одговориле 230, со еден се изјасниле 50.

На прашањето што им недостасува најмногу 100 се изјасниле за концерти, 60 за театар, 50 за културни манифестации, 30 за изложби и 50 за промоции на книги.

За најзначајни културни настани во 2018 година 50 го избрале концертот на Здравко Чолиќ, 30 се за Виноскоп, 20 за Буба Мара, 20 за концертот на групата Нокаут, 40 за ниту еден.

За личности на годината од културата се избрани 70 за Горан Стефановски, 50 за Сашко Коцев, 20 за Милчо Манчевски.

За најзначајно дело од културата гласале 20 за филмот Исцелител, десет за Струшки вечери на поезијата, пет за Галерија Остен и пет за Стихувалки.

Во анкетата учествувале 690 испитаници, од кои 620 биле од град, а 70 од село. Од нив 630 биле жени, а 60 мажи, додека пак, 290 студенти, 50 пензионери и 350 вработени во други различни професии. Според возраста 190 биле од 31 до 40 години, 110 од 21 до 30 години, 110 до 20 години, 120 од 41 до 50 години и други. Според образованието 390 биле со високо, а 280 со средно образование.

Сподели!
- Advertisement -