Во италијанскиот град Болоња луѓето се наградуваат ако возат велосипед, ако пешачат или ако користат јавен транспорт. Bella Mossa (на италијански значи „добра работа“) е дело на урбаниот планер Марко Амадори. Шемата против загадување има за цел да го намали користењето на автомобилите и да поттикне да се користат „зелени“ алтернативи со награди од типот на бесплатно пиво, зладолед или билети за кино.
Жителите на Болоња можат да ја симнат апликацијата која користи GPS за да го следи нивното движење. Секое пешачење или користење автобуски превоз се наградува со поени, кои се собираат и може да се заменат за некои производи или услуги кај локалните дуќани кои се дел од шемата.
„Системот за собирање поени не се базира на поминатото растојание затоа што е битно дури и најкратките релации од 1 км да се поминат со одржливо превозно средство или пеш“ вели Марко Амадори.
Bella Mossa стана популарна и се зборува дека иницијативата ќе се прошири повеќе од планираниот четиримесечен период. Апликацијата дозволува максимум четири патувања секој ден за да се охрабрат луѓето да ја користат шемата подолго време и да користат „зелени“ ранспортни средства.
Автомобилите и другите моторни возила и наштетуваат на животната средина и на нашето здравје. Според годишниот глобален извештај за состојбата на воздухот, повеќе од 95% од популацијата во светот дише нечист воздух, поради што се јавуваат здравствени проблеми од типот на заболувања на белите дробови, рак и срцеви удари. Загадувањето на воздухот е четвртиот најголем причинител на прерана смрт на глобално ниво.
Најголем број смртни случаи врзани за загадениот воздух има во Кина (1,58 милиони) и во Индија (1,61 милиони), делумно поради бројната популација. Обединетите нации покажуваат дека градовите зафаќаат само 3% од површината на Земјата, а трошат 60%-80% од енергијата во светот и генерираат 75% од сета емисија на јаглерод диоксид.