Ни остануваат уште неколку дена до крајот на оваа година и ова е одлично време за да видиме во кои земји најмногу патувале луѓето годинава што изминува. Иако бројките ќе бидат потврдени во наредните неколку месеци, мнозинството од земјите во светот поднесоа податоци до Светската организација за туризам на Обединетите нации (United Nations World Tourism Organisation – UNWTO) за првите три квартали од годината.
На врвот на листата како земја со најголем раст на туризмот е јужноамериканската нација која е дом на Авенијата на вулканите и на патувањето со воз познато како Носот на ѓаволот. Станува збор за Еквадор. Се очекува дека земјата годинава ќе забележи раст на бројот на туристи за 56,1% – од 1,6 милиони на 2,5 милиони.
И соседот на Еквадор, Колумбија, забележа раст на туризмот за 32,8% – од 4 милиони на 5,3 милиони), нешто што многумина го припишуваат на популарноста на серијата на Netflix, „Narcos“. Бумот на туризмот во Виетнам исто така продолжува, главно поради посетителите од Кина. Ако во 1990 година имало само 250.000 туристи, во 2005 година тој број порасна на 3,5 милиони, на 5 милиони во 2010 година и на 7,9 милиони до 2015. Минатата година Виетнам го посетиле 12,9 милиони туристи, а годинава се очекува тој број да се зголеми за 22,4% на 15,8 милиони.
После Турција, најбрзорастечка туристичка дестинација во Европа е Албанија – 19,8% раст на 5,5 милиони.