Uber се подготвува за радикални промени на пазарот за транспорт кои се очекуваат во текот на следните години. Американската компанија веќе го револуционизираше пазарот за такси-превоз, а се подготвува и за следниот голем чекор во оваа индустрија – автономни автомобили кои еден ден би ги исфрлиле луѓето од возачкото седиште.
Но, освен автомобили, во последно време се попопуларни се и превозните средства на две тркала – електричните скутери и велосипеди, кои се идеални превозни средства за пократки дестинации по градовите. На пример, од гаража каде се остава автомобилот до работа, до кино, до шопинг центар и сл. Вредноста на некои компании кои изнајмуваат електрични скутери за кратко време достигна 2 милијарди долари.
Решението за гужвата која се создава кога скутерите се движат по пешачките патеки и немањето место за паркирање се автономните скутери и велосипеди, кои ќе се движат без возач. Наместо да барате скутер или велосипед, само ќе ги повикате преку апликација и тие ќе дојдат сами, а на ист начин сами ќе појдат на полнење на батериите. Тоа значи наместо да им плаќаат на партнери кои ќе ги собираат и ќе ги полнат батериите, скутерите и велосипедите на Uber сами ќе одат на станиците за полнење, што ќе им заштеди многу пари.
Плановите за развој на електрични скутери моментално се на почеток и Uber почнува да вработува инженери кои ќе ја развиваат технологијата и сигурно ќе помине доста време додека на улиците и патеките видиме велосипеди и скутери кои возат сами без возач.