Apple имаше фантастичен план со кој сака да го зголеми уделот на пазарот за паметни телефони и да оствари дополнителен профит со комбинација од поевтиниот модел iPhone XR и два поскапи модели од серијата X, но се покажа дека екипата на Apple, но и мнозинството аналитичари чии предвидувања за продажбата на iPhone беа оптимистички, прилично погрешија и со новата генерација започна неочекуваниот пад на компанијата.
Сите мислеа дека најевтиниот модел со LCD екран iPhone XR може да ги собори рекордите на продажба, но реалноста покажа дека и најевтиниот телефон на Apple за најголем дел од луѓето е премногу скап затоа што денес на пазарот може да се најдат Android телефони кои се и многу поевтини и имаат помоќен хардвер и поголем екран. Исто така, разочара и побарувачката за моделите XS и XS Max затоа што не донесоа никакви иновации, а најголем проблем е цената од повеќе од 1.000 долари.
Кога на тоа ќе се додаде фактот дека корисниците повеќе не купуваат телефон на две години како порани, туку ги користат три или повеќе години, јасно е зошто Apple се најде во големи проблеми и дека мора да ја менува стратегијата за паметните телефони.
Затоа аналитичарите веруваат дека годинава не треба да очекуваме револуција, туку Apple ќе претстави наследници на постојните модели – еден уред со LCD и два телефони од X серијата со OLED екрани, но големи промени се подготвуваат за 2020 година. Како што пишува Wall Street Journal, сите три телефони кои Тим Кук ќе ги претстави во 2020 година ќе имаат OLED екрани, а на некои портали се споменува и iPhone на склопување.
Најголем дел од компаниите за мобилни уреди сега инвестираат во истражување и развој на таквите уреди со еластични екрани. Без оглед на тоа дали Apple ќе се одлучи за екрани на превиткување или ќе почека да ја усоврши технологијата, јасно е дека ако сакаат да ја задржат продажбата и големиот профит, мора да сменат нешто во својата стратегија за мобилниот пазар.