Дислексијата е тешкотија при учењето која првенствено се гледа кај читањето и создавањето реченици. Додека во јавноста малку се зборува за тоа, екипа од Сплит отиде чекор напред и осмисли бесплатна апликација за деца со дислексија, која значително би им го олеснила животот. Станува збор за апликацијата OmoType на компанијата OmoLab, лабораторија за визуелна комуникација, чиј идеен зачетник и сопственик е Петар Реиќ, експерт за визуелна комуникација, инженер по графичка технологија и магистер по новинарство. Реиќ ја основал OmoLab на крајот на 2017 година со цел развој на алатки за читање за луѓето со дислексија.
„Идејата настана пред околу пет години, кога на мојата ќерка и беше дијагностицирана дислексија. Бев изненаден колку малку се знае во јавноста за ова пореметување, од кое страда околу 10% од популацијата во Хрватска. Omo концептот настана како одговор на информатичката презаситеност и неуспешната комуникација, а е замислен како простор за размислување, емоции и имагинација“ вели Реиќ.
„Фокусирани сме на најбитното – индивидуална слобода, силата на општеството, персоналното знаење, меќучовечките односи, потребата за забава. Посебен фокус е ставен на комуникациски непривилегираните. Посебноста на нашите алатки е во високиот степен на прилагодување на индивидуалните потреби“ додава тој.
Во соработка со хрватскиот типограф Марк Храстовец тие развија фонт систем ОmoType, кој е составен од 52 различни симболи. Дислeксијата се манифестира на исклучиво индивидуален начин, па постојните решенија не им излегуваат во пресрет. Новиот фонт е нешто динамично и прилагодливо на уникатните потреби на корисниците.
За да се олесни користењето на фонт системот OmoType, но и да се понудат други функционалности кои го олеснуваат, го подобруваат и го поттикнуваат ;итањето кај луѓето со дислексија, развиена e и мобилна апликација OmoReader во соработка со дигиталната агенција Locastic. Професорката по логопедија Нина Купусовиќ била стручен соработник и управувала со тестирањето на OmoType фонтот.
OmoType фон системот е развиен во согласност со ситедостапни научни истражувања на тема читливост на фонтови, а секоја фаза од развојот посебно е тестирана. Во текот на развојот фонтот е тестиран на 15 деца со попреченост во читањето на возраст од 10 до 14 години. Тестирањето траело три месеци, а резултатите се достапни на нивната веб страница и покажуваат дека децата побрзо читаат со OmoType.Фонтот остава доволно простор меѓу буквите, а сличните знаци се различно обликувани за да не ги мешаат децата. Фонтот има шест различни дебелини и четири различни растојанија меѓу буквите, бидејќи растојанието меѓу буквите е клучно за препознавање кај луѓето со дислексија. Моментално разговараат со национални и интернационални издавачки куќи и веројатно ќе постигнат договор за партнерско излегување на европскиот пазар.
Засега во Хрватска и фонтот и апликацијата се бесплатни затоа што сакаат за кратко време да создадат што поголема корисничка база и да добијат повратни информации за понатамошен развој.