„Зелената економија“, приоритет во четиригодишната стратегија за соработка со ЕБОР

- Advertisement -

Поддршка на конкурентноста, јакнење на регионалното поврзување и поддршка за „зелената економија“ се трите приоритети кон кои ќе биде насочена новата Стратегија за соработка на земјава со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) 2019-2023 година. Ова беше истакнато на денешната средба помеѓу министерот за финансии Драган Тевдовски и делегацијата на Бордот на директори на ЕБОР, предводена од Франс Викерс, директор на Холандската конституенца во која членува и Македонија.

Во новата Стратегија ќе бидат застапени проекти кои преку развој на транспортната и енергетската инфраструктура ќе обезбедат подобро регионално поврзување. Исто така, ќе бидат предвидени и проекти со кои ќе се поддржи конкурентноста на приватниот сектор, а со тоа дополнително ќе биде поддржан економскиот раст. Приоритет во четиригодишната стратегија за соработка со ЕБОР ќе биде и „зелената економија“. Тоа подразбира проекти насочени кон зголемување на капацитетите за обновлива енергија, зголемена енергетска ефикасност и ефикасност на ресурсите како и подобрена еколошка инфраструктура на локално и општинско ниво.

- Advertisement -

ЕБОР досега има одобрено 115 проекти во Македонија, со вкупен износ од 1,85 милијарди евра. Од нив 85% се проекти во јавниот сектор, додека останатите се за поддршка на приватниот сектор. Активното портфолио на банката во моментот изнесува 792 милиони евра, од кои 78% се пласирани во инфраструктурниот сектор, 10% во енергетиката, 8% во финансискиот сектор, додека останатиот дел во индустрија, трговија и агробизнис.

Банката учествува во финансирањето на крупни проекти во земјава како ремонт и рехабилитација на железничката пруга долж Коридорите VIII и X, Програмата за национални патишта, експресниот пат Штип-Радовиш, изградба на фотоволтаична централа Осломеј, 400 kВ интерконекција Македонија – Албанија, набавка на еколошки автобуси на Град Скопје и др.

Сподели!
- Advertisement -