Натпреварот „Code App Level Up“ беше презентиран во Стопанската комора на Македонија

- Advertisement -

Иницијативата за поттикнување на претприемачкиот дух на македонските студенти, изразена на натпреварот „Code App Level Up“ беше презентирана денес на прес-конференцијата на Стопанската комора на Македонија

Стопанската комора на Македонија оваа година се приклучува како поддржувач на студентската иницијатива – натпреварот „Code App Level Up“, кој во организација на ЕЕСТЕК Локален комитет Скопје – Здружение на студенти по електротехника, ќе се одржи по петти пат.

Во фокусот на натпреварот ќе биде поттикнувањето на претприемачкото размислување кај студентите, во насока на создавање сопствени продукти, кои ќе донесат поголема додадена вредност. Неспорно е дека Македонија располага со иновативен и креативен потенцијал, но не секогаш тој потенцијал го наоѓа своето место на пазарот. Имено, од аспект на технологијата, Македонија е солидно позиционирана на мапата за аутсорсинг на технолошки решенија, но често изостануваат оригинални апликативни решенија. Оттука, македонскиот талент за технолошки иновации треба подобро да се подготви и потоа  да се искористи за развој на оригинални производи и решенија – и токму тоа ќе биде главниот предизвик за студентите кои ќе земат учество на годинешниот натпревар – не само да изработат софтверско решение, туку истовремено и да подготват реален и спроведлив бизнис-план, кој ќе овозможи нивната замисла да има апликативна примена во што е можно покус рок.

- Advertisement -

– За време на траењето на натпреварот, од 15 до 21 април 2019 година, токму тука во просториите на Стопанската комора на Македонија, како најстара и најголема куќа на бизнисот, ќе работат тимовите кои ќе учествуваат на натпреварот, проследено со предавања, работилници и менторска работа. Повикот за пријавување е веќе во тек, а ќе трае до 25 март, па ги повикуваме сите студенти кои имаат не само креативна идеја, туку и визија таа идеја да ја имплементираат во пракса, да се пријават на повикот, – посочи д-р Татјана Штерјова од Стопанската комора на Македонија.

Форматот на „Code App Level Up 5“ е базиран концептуално на стартапите. Имено, студентите ќе се пријавуваат во тимови од 3 или 4 члена, при што на натпреварот учество ќе земат 8 тима или максимум 32 учесници. Секој тим во својот состав треба да има најмалку по еден член кој ќе биде одговорен за програмирање, за дизајн и за претприемништво, а за членовите на тимовите во текот на неделата ќе бидат организирани работилници и предавања, согласно нивната потесна специјалност.

- Advertisement -

– Со тимовите ќе работи екипа на искусни ментори. Се надеваме дека осумте компании коишто ќе бидат избрани да бидат дел од овој прекрасен настан, ќе научат многу, ќе ги развијат своите идеи, ќе добијат елан, ќе регистрираат компании, а следната година некој од нив ќе седи на столчето до нас, ќе ни раскажува за нивните искуства и ќе ја води понатаму штафетата, – посочи Илија Лалковски, претседател на  ЕЕСТЕК Локален комитет Скопје – Здружение на студенти по електротехника Скопје.

Победниците на натпреварот ќе одат на светски натпревари – ќе имаат можност да присуствуваат на водечките ИТ-конференции на Балканот, тоа се „Digitalk“ во Бугарија и „SparkMe“ во Црна Гора, како и да учествуваат на глобалното финале на „Get In The Ring“.

- Advertisement -

– Со глобалното финале на  „Get In The Ring“, македонските стартапи ќе добијат врска со една голема мрежа на компании во којашто ќе може да остварат многу контакти и ќе можат понатаму многу поедноставно да ги развијат своите идеи и да ги пласираат. „Get In The Ring“ претставува своевидно семејство, тие оваа година започнуваат иницијатива и за отворање универзитет во Холандија посветен на стартапи. Така што, се работи за еден од најголемите и најамбициозните проекти во стартап сферата во Европа, а поврзувањето со нив ни претставува особена чест, – посочи Лалковски.

Стефан Митевски, поранешен член на Здружението и поранешен учесник на натпреварот, кој годинава ќе биде еден од менторите на тимовите кои ќе учествуваат, посочи дека Македонија полека станува еден од стартап центрите во Македонија, но дека е потребно да се работи на поттикнување на претприемачкиот дух кај студентите, кој ќе резултира со креирање практични и применливи апликативни решенија. Во таа насока, тој посочи дека од голема вредност е поврзувањето со Стопанската комора на Македонија, во насока на обезбедување врска помеѓу младите и иновативни претприемачи со етаблираните компании, од која можат да произлезат заемна корист за двете страни.

Натпреварот „Code App Level Up“ ќе се одржи од 15-21.4.2019 година, а повеќе информации за условите за пријавување се достапни на следниот линк: https://calu.mk/.

 

Сподели!
- Advertisement -