Сервисот на Uber за споделување автомобили на територијата на Јапонија има нова конкуренција, но овој пат станува збор за неочекуван ривал. Новиот конкурент се појави под името S.Ride, а станува збор за сервис за резервирање превоз на Sony во партнерство со пет јапонски такси компании.
И компаниите како Uber веќе некое време се здружуваат со јапонските таксисти, а посебно во пресрет на Олимписките игри за да придобијат дел од колачот, па овој нов сервис може да ги смени правилата на играта.
Апликацијата Sony моментално функционира само во Токио, а партнерите заедно имаат околу 10.000 возила кои возат во јапонската метропола. JapanTaxi, еден од партнерите, контролира 60.000 возила, но бројот не се однесува само на Токио, туку на целата земја. Буквата S во S.Ride не е ознака за Sony, туку за Simple, Smart and Speedy (едноставно, паметно и брзо). Корисниците на услугата можат да плаќаат со кредитни картички или преку опцијата S.Ride Wallet, која уплатите ги обработува преку QR кодот кој се наоѓа во рамките на таблетот на задната страна од седиштата на секое возило.
Sony планира сервисот да го збогати со уште опции, како на пример со вештачка интелигенција да се предвидува побарувачката за возила во одреден период, што би требало да спречи недостиг од возачи во текот на големи настани како Олимписките игри. Се претпоставува дека сервисот наскоро ќе се прошири надвор од Токио, но не и надвор од Јапонија бидејќи Sony засега не планира апликацијата да ја овозможи за остатокот од светот.