Професор Емилија Арсов: со македонската апликација „База на пестициди“ до помала употреба на пестициди во прозводство на храна!

- Advertisement -

Лозаропроизводителот Стефан Стојчев, кој произведува грозје на 25 хектари од неодамна користи македонска мобилна апликација „База на пестициди“, како корисна алатка во изборот на заштита на својот род. Неговиот колега од селото Дреново, Доне Дејанов, произведува и винова лоза и градинарски култури, а изборот на препаратите, исто така го прави со помош на технологијата. Стојчев и Дејанов се дел од стотината земјоделци низ целата земја кои ја користат македонската мобилна апликација „База на пестициди“, која минатата година ја изработија наставниот кадар и студентите на Катедрата за заштита на растенијата и животната средина на Земјоделскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Модерните технологии не се новина во земјоделството и активно и успешно се користат за подобрување на производството и зголемување на приносите, особено во насока на намалување на користењето на хемиските препарати за заштита на растенијата. Еден од најуспешните примери од најблиското соседство е хрватската „Агриви“, која својот софтвер за комплетно менаџирање на фарма го имплементира во над 100 држави во светот. Брзиот развој на информатичката технологија, влијае и на добрата земјоделската пракса, така што сѐ почесто во последно време неизбежна е примена и пребарување на интернет за одредени потреби во земјоделието.

- Advertisement -

Тоа, според Емилија Арсов, доцент на Земјоделскиот факултет и еден од авторите на базата, беше повод за изработка и на мобилна апликација на базата на пестициди, со која земјоделците на лесен и едноставен начин на пребарување можат да добијат една програма за заштита на пребаруваната култура.

„Онлајн апликацијата е модерно софтверско решение кое може да се користи и на терен. Базата на пестициди е наменета за секој земјоделец – производител кој нема многу искуство и земјоделска пракса за да може со пребарување да дојде до базични информации. Наменета е и за нашите студенти, за полесно да истражуваат, пребаруваат, поврзуваат информации од областа на фитопатологијата, ентомологијата и фитофармацијата. Постојат многу интернет платформи во нашето соседство и пошироко, но сепак идејата на нашата онлајн база на пестициди, беше да се направи поврзаност на културата и пестицидите за заштита со нивните активни материи, начин на употреба на средствата за заштита, доза и концентрација по култури, како и време на каренца“, вели Арсов.

- Advertisement -

 

- Advertisement -

Какви информации дава „База на пестициди“?

 

Мобилната апликација може да се користи во било кое време и место. Нуди информации за култури поделени во четири категории: полјоделство, градинарство, лозарство и овоштарство. За секоја категорија има детален опис на болести, штетници и плевели. Професорката Арсов вели дека постојано се апдејтуваат податоците во делот на пестицидите, во однос на промена на името, активната материја, нови дозволени пестициди, како и начинот на нивна употреба и предупредување во однос на истите.

„Предноста која ја добиваат земјоделците што се подготвени во своето производство да внесат технологија во сите фази, од контрола на семенскиот и садниот материјал до берба и складирање, е огромна. Тие се пред сѐ повеќе информирани и едуцирани, што ќе доведе сигурно и до поздраво и поквалитетно производство. Нашата иднина, нашето здравје, зависат од квалитетниот начин на живот и употреба на здрави земјоделски производи“, вели Арсов.

Апликацијата е развиена во рамки на проект финансиран од програмата Еразмус+, а реализиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во соработка со Аграрен универзитет во Пловдив, Бугарија, Медитерански агрономски институт во Ханија – Грција, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството на Република Македонија – Битола и Федерацијата на производители на органски производи на Македонија.

Сподели!
- Advertisement -