Тијана Цресензи по професија е продукт дизајнер и веќе три години дизајнира и гради апликации, веб-страници и дигитални продукти. Таа минатата година ја спои својата професија со голема и благородна цел, намалување на отпадот од текстил во земјава, и ја дизајнираше Vinstreet, платформа за продавачи и купувачи на облека од втора рака.
Нејзината цел е да се едуцираат луѓето дека „втората рака“ не е за сиромашни, туку за освестени, а носените парчиња не се за на депонија, туку можат да имаат и втор живот.
За себе вели дека е љубител на шопинг, но уште повеќе на автентичност и стил што зборува за себе, токму како уникатните парчиња со карактер кои можат да се најдат во second hand продавниците. Тијана вели дека Vinstreet е природен резултат на трансформацијата од нејзината љубов кон стилот и експресијата до нејзината љубов кон одржливоста.
Тијана, vinstreet.mk е платформа за продавачи и купувачи на облека од втора рака. Кажи ни како функционира и што може да се најде тука?
Vinstreet.mk го создадов затоа што верувам дека облеката не треба да има „еден живот“. Платформата е место каде луѓето можат да ја продаваат облеката што повеќе не ја носат и да ѝ дадат нова шанса. Секој може да отвори профил, да објави парчиња со фотографии и опис, а купувачите директно контактираат со продавачот.
На Vinstreet има сè… од секојдневни фармерки и палта, до брендирани парчиња, винтиџ јакни, чанти, детска облека. Има девојки што продаваат парчиња од својот гардеробер што одлучиле дека веќе не се за нив, има мали second hand продавници, има луѓе што едноставно не сакаат да фрлаат. За мене ова не е само marketplace. Ова е обид да покажеме дека можеме да консумираме поразумно. Наместо да купуваме и фрламе, можеме да ја разменуваме и да го продолжуваме животниот циклус на облеката. Мал чекор, но реален.
Твојата идеја е промоција на циркуларната економија во текстилната индустрија. Освен со реупотреба на облеката, како може на други начинида се постигне кај нас?
Реупотребата е најлесниот и најдостапниот чекор за една индивидуа. Многу е битен, но не е доволен. Во ЕУ веќе постои јасна стратегија – од 2025 година текстилниот отпад ќе мора да се собира одделно. Тоа е дел од EU Strategy for Sustainable and Circular Textiles (Европска комисија, 2022). Македонија како кандидат за членство ќе мора постепено да ги усогласи своите политики со овие стандарди, иако ова е доста нова стратегија на ЕУ и не можеме да кажеме со сигурност дека е целосно спроведена, но сепак е прогрес.
Кај нас сè уште најголем дел од текстилот завршува на депонија како мешан отпад. Немаме доволно инфраструктура за одделно собирање и системско рециклирање. Значи, потребни се законски измени, систем за проширена одговорност на производителите (EPR), инвестиции во селекција и рециклирање.
Како што требаат системски промени така треба и промена на менталитетот кај луѓето. Мислам дека едното си оди со другото. Во кратки црти, да престанеме да гледаме на облеката како „еднократна“. Да ги учиме децата дека парче што не го носиш не значи дека е ѓубре. Да почнеме да се едуцираме за циркуларната економија.
Во Франција, на пример, постои национален систем за текстилна реупотреба уште од 2007 година. Франција, исто така, пред некое време направи големи промени во полето на текстилната индустрија, и треба и ние, како држава да се огледаме на нејзините примери. Тоа покажува дека е можно, само треба добра стратегија и волја.

Отпадот од текстил се смета меѓу трите најголеми загадувачи во индустриите. Со оглед на тоа дека во земјаване знаеме точно кои се количините, кои се решенијата?
Ако ги погледнеме најновите официјални бројки, сликата не е баш охрабрувачка. Според Државниот завод за статистика, во 2024 година (податоци објавени во 2025) во Северна Македонија се создадени 790.866 тони комунален отпад. Тоа се 438 килограми по човек годишно. И сега доаѓа делот што мене лично ме загрижува. 99,8% од тој отпад завршува на депонии. Практично сè што фрламе, останува таму.
Во тие бројки нема посебна категорија за текстилен отпад. Облеката што ја фрламе не се мери одделно. Таа е дел од „мешан отпад“. Што значи дека немаме ни прецизна бројка колку текстил реално завршува на депониите секоја година.
Според анализите на OECD за циркуларната економија во земјава, текстилот е значаен дел од комуналниот отпад и во најголем дел се депонира, затоа што немаме развиен систем за одделно собирање и реупотреба.
За мене најголемиот проблем е што ако нешто не го мериме – не го ни гледаме како приоритет. А текстилниот отпад очигледно сè уште не го третираме како посебен проблем, иако знаеме дека индустријата е меѓу најголемите загадувачи глобално.
И токму тука почнува разговорот за тоа што можеме да направиме поинаку.

Има ли развој на second hand културата кај нас? Колку купувачите се подготвени во име на одржливоста да се откажат од класичниот шопинг?
Да, дефинитивно има развој на културата на втора рака кај нас, но тоа не е нешто што се развива преку ноќ. Јас се радувам на малите чекори, бидејќи знам колку вредат. Генерално сè уште живееме во контекст каде што „класичниот шопинг“ и брзата мода доминираат, и многу луѓе тоа го прават автоматски, без да размислат за последиците, и тие не се криви за тоа целосно.
Најголемиот проблем се митовите и стигмата што сите си ги носиме, и јас морам да признаам бев во тој круг на луѓе порано. Не можев да се сосредочам со тоа да купувам стара облека, мислев дека тоа е само за сиромашни, не е за мене, дека сакам чисто и ново.
Еден од најчестите митови е дека облеката од втора рака е „нехигиенска“. Искрено, ако зборуваме реално, често новата облека е понехигиенска од веќе носената. Новата облека поминува низ долг синџир: производство, боење, третирање со хемикалии против мувла и инсекти за транспорт, складишта, пробни кабини, раце на десетици луѓе. За да издржи транспорт и да изгледа „совршено“ на полица, текстилот се третира со различни супстанци. Дел од тие хемикалии — како формалдехид, одредени бои и завршни третмани се поврзуваат со иритации на кожа, алергиски реакции, па дури и со потенцијално штетни и канцерогени ефекти при долготрајна изложеност, според научни истражувања за текстилна обработка.
Облеката од втора рака, пак, во најголем дел е веќе неколку пати перена. Хемикалиите од фабриката одамна се измиени. Нема изненадување по прво перење, нема „собирање“, нема непознати реакции. Не случајно, многу родители свесно купуваат second hand облека за своите деца токму поради ова. Детската кожа е почувствителна, а веќе перениот текстил е побезбеден избор во однос на ново третирани ткаенини.
Затоа мислам дека стравот од „нехигиенско“ повеќе е културна навика отколку реален аргумент. Хигиената зависи од тоа дали ќе ја испереш облеката пред носење — без разлика дали е нова или стара.
Проблемот не е во тоа што парчето има претходен сопственик. Проблемот е што сме навикнати да мислиме дека „ново“ автоматски значи „подобро“. А тоа не секогаш е точно.
Друг мит што често го слушам е дека облеката „носи енергија од други луѓе“. Искрено, ако така гледаме, тогаш и половина од мебелот на кој седнуваме, приборот со кој што јадеме по ресторани, па дури и изнајмување опрема за спорт би требало да ги избегнуваме. Предметите немаат морална историја. Тие имаат материјална вредност и можност да продолжат да служат.
Третиот аргумент што често се појавува е: „Зошто да купам старо, кога можам да купам ново?“ И тука влегува навиката. Навикнати сме дека новото е подобро. Дека новото значи статус, успех, вредност. А тоа чувство не доаѓа случајно, маркетингот на брзата мода е моќен. Ни продава емоција, не само производ. Ни продава идеја дека ако купиш ново, стануваш нова верзија од себе.
И тука е вистинската борба. Не е само економска, туку психолошка. Луѓето не купуваат само облека, купуваат чувство. А fast fashion индустријата тоа го разбира многу добро.
Што вели твоето искуство со Vinstreet, како купувачите ги смениле своите навики?
Од искуството со Vinstreet гледам дека нешто се менува. Луѓето почнуваат да ја преиспитуваат таа навика. Доаѓаат од љубопитност, од желба за поуникатни парчиња, од финансиска рационалност, а полека полека и од свесност. Не сите се подготвени целосно да се откажат од класичниот шопинг, и тоа е реалност. Не сум ни јас подготвена, да сме реални, живееме во такво општество. Не целиме кон црно и бело гледање на нештата. Посивување на гледиштата е доволно за почеток.
И мислам дека токму тука лежи промената, не во радикално откажување, туку во постепена промена на изборите. Кога ќе сфатиш дека second hand не значи „помалку“, туку понекогаш значи „попаметно“, тогаш почнуваш да гледаш поинаку.
Секогаш кога ќе има алтернатива што е прифатена, пристапна, и понекогаш многу поинтересна, луѓето го согледуваат тоа, и со време им станува нормално. Тоа е и нашата цел, да се нормализира ваквата пракса. И искрено, тоа ми дава надеж: луѓето не се само купувачи на трендови, туку можат и знаат да станат купувачи на вредности. Само треба да им го дадеме тој избор, вистински и лесно достапен.

Што најмногу се продава и купува на vinstreet.mk?
На vinstreet.mk најчесто се продава и купува облека, тоа е логично, бидејќи тоа е сржта на платформата. Најактивни се жените, особено кога станува збор за сезонски парчиња како јакни, палта, фармерки, фустани и брендирани предмети.
Но она што навистина ме изненади е дека мажите не се пасивни. Како за почеток, има солидна база на машки корисници кои исто така активно продаваат и купуваат. Мажите доаѓаат поради практичност и вредност за парите, и честопати бараат конкретни работи што им се потребни, а не случаен избор.
Искуството ми покажува дека корисниците не доаѓаат само затоа што е поевтино. Тие честопати бараат нешто уникатно, како парче што не се гледа секојдневно, што има карактер, што ве разликува од масовнотото и трендовите.
Една од најубавите работи е што платформата не е „само за жени“ или „само за определена публика“. Таа привлекува различни луѓе со различни стилови, потреби и мотиви, било тоа практичност, стил, одржливост или едноставно љубов кон одржливоста.

Какви се твоите планови за во иднина?
Сакам да се прошири публиката. Повеќе луѓе да знаат дека постои ваква опција. Дека не мора секогаш првата реакција да биде „ќе купам ново“. Верувам дека многу луѓе би направиле поинаков избор, само ако им е достапен и видлив. Планирам, да одам и по училишта и да држам кратки предавања или разговори со млади луѓе. Мислам дека таму почнува сè. Ако уште во основно/средно почнеме да зборуваме за текстилен отпад, за брза мода, за тоа што значи циркуларна економија, тогаш навиките ќе се менуваат природно.
И Instagram профилот (@vinstreetmk) ми е многу важен дел од оваа приказна. Сакам таму да продолжам активно да едуцирам, да ги разбијам митовите околу втората така, што кај нас за жал ги има многу. Сакам со факти, со примери и со искрени намери да покажам дека многу од тие стравови се само навика и маркетинг влијание.
Исто така сакам да правам и поп-ап настани во Охрид, каде што живеам. Физички настани каде што луѓето ќе можат да донесат, да разменат, да пробаат, да запознаат други што размислуваат слично. Сакам Vinstreet да излезе од екраните и да стане заедница.
На долг рок, мојата цел не е само раст на бројки. Целта е да нормализираме културата на втора рака. Да стане природен дел од гардероберот, а не алтернатива. И мислам дека сме на добар пат, посебно последниве години.






























