Фестивал за развој на креативните индустрии „Скопје Креатива 2019 – Зелено Скопје”

- Advertisement -

Осмото издание на фестивалот за развој на креативните индустрии „Скопје Креатива 2019” ќе го заокружи календарот на настани за месец мај со тридневна програма почнувајќи од 31 мај до 02 јуни. Фестивалот годинава ќе се реализира под мотото „Зелено Скопје”, кое симболички ја содржи идејата за еколошката свест како култура на живеење.

Идејата е преку фестивалот и неговата програма да се ангажира креативниот потенцијал на градот Скопје, во насока на создавање на подобра релација помеѓу жителите и животната средина, како и да се поттикне креативно и иновативно делување, со цел создавање на творештво кое ќе придонесе во општествениот и економски развој на градот.

- Advertisement -

Екологијата за нас претставува динамична категорија на меѓусебно условени еколошки, општествени и културни процеси на секојдневното живеење. Оттаму термините како јавен простор, начини на комуникација, зачувување на природата, рационализација на ресурсите, рециклирање… се втемелени во идејата и програмскиот концепт на „Скопје Креатива 2019”.  Она што ние си го поставивме како цел во рамки на програмата на фестивалот, е да се поттикне домашната креативност, која преку соработка со домашни и меѓународни партнери, ќе се конципира, развие и реализира преку низа активности што ќе придонесат во подобар квалитет на животот за сите граѓани во Скопје“ изјавуваат Виолета Качакова, директор и програмски уредник на фестивалот и Биљана Тануровска Ќулавковски, програмски уредник на фестивалот.

Фестивалот опфаќа неколку програмски линии: програма за дизајн преку сегментите за развој на нови прототип производи, „Брендирање на зелено Скопје“ и „Бјутификација на градот“; програма за архитектурата посветена на „Екологиите на градот“ и трансформација на јавниот простор; музичка програма преку издавање нова музика и настапи на квалитетни музички автори и диџеи и филмска програма „Кино утро“ и „Кино под ѕвездите“ како интересен спој на документарни филмови, реклами и патописни репортажи од архивите на „Вардар филм”. Дополнително, „Скопје Креатива 2019“ ќе понуди креативни работилници за деца, театар, изложба на редизајни на постери за македонски филмови, музички албуми и книжевни дела, презентации на иновации и поп-ап стор за дизајн, книги и музички изданија од домашни автори и издавачи.

- Advertisement -

Целосен и детален преглед на програмата – тука.

Организатор на фестивалот е здружението на граѓани Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, а партнери и соработници на фестивалот се Кино Култура, МКЦ, Театар на Навигаторот Цветко, ПМГ Рекордингс, Колектив Ветерница, Аксиома – асоцијација за културна соработка и истражување, издавачка куќа Бегемот, МакеДокс, Вардар филм, Архитектонски факултет – Скопје, Шумарски факултет – Скопје, ЈП Паркови и зеленило, Општина Центар, Државен студентски центар „Скопје“ и Фонд за иновации и технолошки развој. Медиумски спонзори се: kliping.mk и Канал 103. Фестивалот се реализира со поддршка на Град Скопје.

Сподели!
- Advertisement -