Од Темза до Тигар, илјадници реки низ светот се преплавени со опасни концентрации на антибиотици, открива нова студија спроведена на глобално ниво, јавува „Гардијан“.
Загадувањето со антибиотици е еден од клучните начини преку кој бактериите можат да развијат отпорност на лековите, што ги прави неефикасни за човечка употреба.
Зголемениот број бактерии отпорни на антибиотици е алармантно, бидејќи може да резултира со смрт на 10 милиони луѓе до 2050 година, објави ОН минатиот месец.
Патот до почвата и до реките го наоѓаат преку човечкиот и животинскиот измет, протекувањето од пречистителните станици, како и од производствените објекти за лекови.
Истражувањето, објавено во понеделникот, покажува како некои од најпознатите реки во светот, вклучувајќи ја и Темза, се контаминирани со антибиотици кои се наменети за третман на сериозни инфекции.
Примероците земени од реката Дунав во Австрија, покажуваат присуство на седум антибиотици, вклучувајќи го и антибиотикот „клоритромицин“, користен за третирање на инфекции на респираторниот тракт како пневмонија и бронхитис.
Реката Темза се смета за една од најчистите реки во Европа, а заедно со некои од нејзините притоки е контаминирана со мешавина од пет антибиотици. Истражувањето кое било спроведено на 711 места во 72 држави покажува дека во 65% од нив се контаминирани со антибиотици.
Според студијата, реките во посиромашните земји генерално имаат повисока концентрација со антибиотици, а локации во Африка и Азија се покажале како најкритични.
Најмногу е евидентирано во Бангладеш. Антибиотикот „метронидазолот“ кој се користи за лекување на вагинални инфекции, е пронајден во концентрација повеќе од 300 пати над дозволеното ниво. Остатоци на антибиотикот се откриени во близина на пречистителна станица за отпадни води, а посиромашните земји често немаат соодветна технологија за справување со лековите.
(Радио МОФ)