Ефекти од прогресивниот данок – Подобар буџетски прилив или многу врева за ништо?

- Advertisement -

Со тркалезната маса „Прогресивен данок на доход – Многу врева за ништо“ беше презентирана студијата на Институтот за економски истражувања и политики„ Finance think” во која се прикажани ефектите од спроведувањето на даночната реформа со буџетските импликации, како и зголемувањето на даноците за одредена група на даночни обврзници. Досега промените се минимални во растот на собрани буџетски средба, но политичката цена која може да се плати може да биде многу висока.

Оценките и наодите во студијата покажуваат дека ефектите од даночната реформа се подобруваат тогаш кога таа се комбинира со социјалната реформа, имала влијание само  на еден процент  односно кај лицата со највисока заработка, а најзасегнати се инженерските професии. Учесниците на дебатата на која беше претставена студијата порачаа дека сега е многу поважно што се случува на расходната страна и како да се подобри ефикасноста во трошењето за секој  потрошен денар од страна на државата да даде повисоки ефекти во сите области.

- Advertisement -

 

 

- Advertisement -

 

– Ефектот од прогресивното оданочување врз „џини“ коефициентот е пресметан на помалку од еден процентен поен и заедно со социјалната реформа изнесува до три проценти. Тоа значи дека ефектот е позитивен, даночната реформа врши подобрување на распределбата на доходот, но тоа е сосема малку, би рекол незначително, рече Марјан Петрески, професор на Американ колеџ во Скопје.

- Advertisement -

Симулациите покажуваат дека е остварена целта на реформата за подобрување во показаталеите за нерамномерноста на распределбата на доходот, но оти ефектите се многу мали.

– Во оној  дизајн во кој е реформата со 18 проценти стапка за доход кој надминува 90.000 денари се покажува дека ефектите се маргинални по однос на индикаторите за нееднаквост на распределбата на доходот, дополни Петрески, истакнувајќи дека симулациите покажале дека по тој основ годинава би биле собрани околу 20 милиони  евра.

 

Работодавачите и вработените  кои биле анкетирани во студијата на „Фајнанс тинк” рекле дека  имало многу малку време за поширока дебата за реформата, промената дошла во времена нарушени институции и владеење на правото.  Сега е најважно, како што рече Петерски, што се случува на расходната страна, како да се подобри ефикасноста во трошењето и секој  потрошен денар од страна на државата да даде повисоки ефекти.

– Засегнатите страни очекуваат најпрво државата да покаже интенции и конкретни  чекори за зголемување на таа ефиканост и на елиминирање на сите  места во системот каде  имаме истекување на средствата, без оглед дали тоа истекување е ненамерно или е со некаква  поинаква да речеме  коруптивна позадина.  Во моментов време е главен фокус да се стави на расходната страна  како  да имаме  поефикасни трошења и секој потрошен денар на граѓаните да дава поголеми ефекти. Кога  зборувам за трошењето особено мислам на клучните сектори во економијата кои се важни за долгорочниот раст како  образованието, здравството, социјaланта заштита, изјави за МИА Петрески.

Согледувањата на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии покажуваат дека околу 30 проценти од вработените сениор експерти се опфатени со даночната основица од 18 проценти.

-Тоа значи дека ИТ секторот е еден од можеби најзагрозените. Просечната плата во ИТ секторот е 56.000 денари, а просечната плата во Македонија е 24.000. Мора да направиме политика во која ќе бидат опфатени и другите даноци, а не само прогресивниот данок. Имаме проблем и со даноците што ги плаќаме за сертификати кои ни се потребни за младите инженери за кои плаќаме персонален данок, а исто така и за стипендистите, рече Анета Пешова, претседател на Управниот одбор на МАСИТ.

Според министерот за финасии Драган Тевдовски, наплатата на персоналецот е повисока од очекувањата, а со праведното оданочување се обезбедени средства за социјалната реформа.

 

 

– Сите економски показатели за годинава покажуваат дека праведното оданочување е успешна реформа. Сигурни сме дека тоа што сме го проектирале ќе го оствариме како буџетски приходи. Уште поважно е дека тоа што е проектираното веќе започна да се исплаќа како многу повисок  социјален трансфер за најсиромашните и ние сме прва држава на Балканот што спроведува минимален адекватен приход. Даночната реформа комбинирана со реформата на социјалниот систем остварува значајно намалување на нееднаквоста и е значајна алатка за борба против сиромаштијата, изјави Тевдовски.

 

Тој соопшти дека во првите пет месеци од годинава, наплатата на данокот на личен доход е за 17,4 проценти поголема во однос на лани, што било над очекувањата. Иако пред воведувањето на праведниот данок во јавноста беше изразена загриженост дека праведното оданочување ќе ја намали вработеноста, дополни министерот, се случи сосема спротивното, за само едно тримесечје бројот на вработени е зголемен за 17.000 лица. Просечната нето-плата во првото тримесечје од 2019 година е зголемена за 3,4 проценти во споредба со првото тримесечје од 2018 година и тој раст е повисок од просекот од последните седум години.

 

– Просечната плата на програмерите во првото тримесечје од 2019 година е зголемена за 5,5 проценти во споредба со првото тримесечје од 2018 година. Бројот на вработени во дејноста Информации и комуникации, исто така е зголемен. Во првото тримесечје на 2019 година во овој сектор има за 1.500 лица повеќе вработени во споредба со последното тримесечје на 2018 година (или за 5.000 во однос на истиот период лани). Кога дебатиравме за воведување на праведното оданочување имаше стравувања токму од овој сектор дека ќе има намалување на платите и на бројот на вработени, бидејќи овој сектор беше најблиску до границата за прогресивната даночна стапка. Сепак, се случи токму спротивното и имаме позитивни резултати и тука, рече Тевдовски.

 

Професорот од Економскиот факултет Горан Петрески, пак, оцени дека концепотот за прогресивно оданочување функционира во земја со широка даночна база каде голем дел од населението е доволно богато за да плаќа личен данок на личен доход. Тоа, потенцираше Петрески, не е случај во Македонија.

 

– Кај нас 50 проценти од вработените земаат просечна плата од 8.600 денари, а 90 проценти од вработените земаат плата до 30.000 денари. Само 10 проценти од населението во Македонија од тоа што треба да плаќа данок зема над 500 евра, рече Петрески.

 

Извор: МИА

Фото: Finance think

Сподели!
- Advertisement -