Првата македонска фарма за магариња летово ќе почне да произведува млеко

- Advertisement -

Шест магаренца ќе се родат летово во првата македонска фарма за магариња во охридското село Велестooво. Се наоѓа на локација со прекрасен поглед на Охрид и езерото и постои речиси две години, а во неа во моментов живеат 11 магариња, од кои десет се женки и еден мажјак. Бизнис идејата на сопственикот на фармата, Роберт Шиникоски, кој поседува и фарма за крави и овци, пред повеќе од две години дошла случајно и спонтано, во разговор со соработници од здружението на одгледувачи на крави, „Буша“. За да ја реализира решил да купи земја во Велестово за да изгради фарма. Во соработка со ГЕФ набавил и животни. Купени се од различни делови од земјава. Едно, вели Роберт, може да чини од 100 до 250 евра, во зависност од староста и состојбата.

Да се работи на фарма со магариња, раскажува Роберт, не е ниту премногу напорно, ниту пак животните се премногу захтевни. Напротив, тие се мили и питоми суштества, кои се радуваат на луѓето и сакаат да се дружат. Сепак, нега и внимание им треба, па тој секој ден неколку часа поминува со нив во Велестово.

- Advertisement -

 

„Доколку сте љубител на животни, ќе уживате и во работата со нив. Магарињата се неверојатно кротки животни, веќе ме познаваат и едвај чекаат да се појавам наутро и да ги пуштам надвор од шталата. Многу сакаат дружење и додека сум на фармата не се двојат од мене, ме следат наоколу, додека ги завршувам работите и им подготвувам храна“, вели Роберт.

- Advertisement -

Иако првичната цел била да се спаси магарето како вид од изумирање, со време Роберт увидел дека ова животно има многу поголема вредност и потенцијал, кои можат да се искористат за интересен и уникатен бизнис. Понуди за откуп на млеко добил веднаш, во текот на првата година од постоењето на фармата, иако во моментот немал можности да ја исполни побарувачката.

Магарешкото млеко е многу скапоцено, не само затоа што се произведува во многу мали и ограничени количини, туку и заради својата лековитост. Од тие причини, објаснува Роберт, низ Балканот, каде магарето е традиционален жител, во последните години се појавуваат се’ повеќе фарми кои ги згрижуваат овие благородни животни.

- Advertisement -

 

„Магарето во минатото се користело како животно кое ги извршува тешките домашни работи или за транспорт на луѓето и стоката. Со време ја изгубило функцијата и интересот за него опаѓал, така што во последните децении беше речиси на изумирање и во Македонија и пошироко. Но, неговата вредност е многу поголема, бидејќи млeкото од магаре е многу барано заради својата лековитост. Најблиско е до човечкото и има антибактериски и антивирусни својства. Откако ја отворив фармата постојано ме бараат луѓе со различни здравствени проблеми кои сакаат да купат млеко. За неколку месеци, откако ќе се родат и пораснат малите, ќе можам да им излезам во пресрет и на сите кои имаат потреба од млекото“, вели Роберт.

Тој објаснува дека веќе посетил слични фарми во регионот кои работат многу успешно. Во Србија веќе постојат три, кои го користат млекото за продажба, за изработка на сирења, но и на висококвалитетни козметички производи, кои се многу ценети и барани. Во Македонија фармата на Роберт, засега, е единствената регистрирана. Тој планира да има најмалку педесетина магарици, а млекото да го пласира и на пазарот и да го понуди и на компании кои би сакале да соработуваат. Смета дека бизнисот има иднина, бидејќи на почетоците не очекувал ваква побарувачка, ниту пак, високи откупни цени.

„Магарињата имаат период на лактација од околу девет месеци, кој започнува по раѓањето. Првите месеци од тој период млекото е резервирано за младото, а во другиот период може да се измолзува и продава. Еден литар магарешко млеко кај нас се продава околу 30 евра, но во регионот цената достигнува и 50 евра, а во Европа и до 100 евра. Неговиот квалитет и нутритивна важност се многупати докажани, а дневно од една магарица може да се измолзе само околу 300 до 400 милилитри. Засега, тоа ќе биде доволно само да се задоволат потребите и барањата од луѓето со здравствени проблеми. Секако, и сите кои се здрави можат да пијат магарешко млеко, доволни се само 100 милилитри за зајакнување на имунитетот и како превентива против болести на дишните патишта, алергии. За поголеми количини млеко ќе треба прво да се реализира планот за зголемување на бројот на животни“, вели Роберт.

Сподели!
- Advertisement -