Американскиот и кинескиот претседател Доналд Трамп и Џи Јинпинг се договорија дека засега нема да бидат воведени нови царини меѓу овие две земји, а првиот човек на Америка конечно најави и некои добри вести за Huawei. Имено, американските компании ќе продолжат да ги продаваат производите на оваа компанија, но не објави никакви детални информации за повлекување на забраната за кинеската компанија, па не беше јасно на што ќе се однесува укинувањето на забраната.
Ставот на САД кон Huawei вчера го објаснија од Националното економско собрание. Оттаму рекоа дека сепак нема да има целосно повлекување на забраната за продажба на сите производи, туку американските компании ќе можат да соработуваат со Huawei и да ги продаваат само оние производи кои се широко достапни за целиот свет. Што се однесува на поосетливата опрема, односно опремата која би можела да се искористи за шпионирање и прислушкување, забраната останува и компаниите од САД нема да смеат да продаваат таков хардвер.
Како пример за глобално достапни производи ги наведоа процесорите кои ги развиваат и ги продаваат американските компании и кои Huawei повторно ќе може да ги купува. За договорот кој го постигнаа Трамп и кинескиот претседател истакнаа дека не е конечен и дека ќе биде интересно да се види што ќе се случува во иднина и какво влијание ќе има тоа врз Huawei.