По проблемите со САД, Huawei ќе отпушти повеќе од 600 вработени

- Advertisement -

Huawei ќе отпушти повеќе од 600 луѓе вработени во подружница на кинескиот технолошки гигант во САД додека продолжува да се бори со новите рестрикции од страна на администрацијата на Доналд Трамп. Отпуштањето го најавија вчера, а работниците кои ќе останат без работа моментално се вработени во подружницата за истражување и развој Futurewei во САД.

Како причина за отпуштањата од компанијата ги наведуваат рестрикциите наметнати врз бизнис операциите од страна на САД. „Никогаш не е лесно да се носат вакви одлуки. Futurewei ќе продолжи да функционира во строга согласност со законите и регулативите на САД“ изјавија од Huawei.

- Advertisement -

Претходно компанијата предупреди дека притисокот кој го врши администрацијата на Трамп ќе резултира со губење работни места во САД. „Имајќи ја на ум ранливоста на сајбер просторот на САД, владата прави се што може за да ја направи Америка безбедно место, но некогаш претеруваат. На долг рок Америка е таа што ќе изгуби ако Huawei не се врати пак во САД“ изјави директорот на Одделот за безбедност на Huawei во САД, кој е поранешен директор на Дивизијата за национална сајбер безбедност на американското Министерство за внатрешни работи.

Во мај годинава американскиот претседател Доналд Трамп потпиша наредба со која им забрани на американските компании да користат телекомуникациска опрема од извори кои се закана по националната безбедност. Оваа мерка директно ги таргетираше Кина и Huawei, кој е лидер на полето на 5G технологијата во светот и глобален бизнис со приходи поголеми од 100 милијарди долари. Потоа беа ублажени некои од забраните, но деталите уште не се познати.

- Advertisement -

Забраната ги спречи вработените во подружницата Futurewei да комуницираат со колегите од седиштата на Huаwei во Кина. Futurewei има канцеларии во Далас, Силиконската Долина и во некои други американски градови. Huawei не е многу присутен во САД, но компанијата е единствениот провајдер на мрежна опрема за многу рурални американски интернет провајдери.

Сподели!
- Advertisement -