Во петок, 26.07.2019, во организација на Издавачки центар ТРИ, ќе се одржи првата авантуристичка тура низ градот – „Зачекори во Здраво Скопје“, инспирирана од интерактивниот водич „Здраво Скопје“ од авторското дуо Кокидо, а по повод одбележување на 56 години од скопскиот земјотрес. Во соработка со „Музеј на Град Скопје“, од каде доаѓа подготвен водич за да ги едуцира најмалите, и јавното претпријатие „ЈСП – Скопје“, кое обезбеди панорамски автобус за учесниците, предвидено е децата да го доживеат градот во едно несекојдневно и авантуристичко издание.
Карванот ќе посети 10 значајни и автентични локации, а ќе биде проследен со многу изненадувања, игри и забава. Зборно место е Фонтаната во Градскиот парк, а крајна дестинација е Музејот на Град Скопје. Целта на оваа авантура низ Градот е преку едукативна, забавна содржина најмалите да го запознаат градот од спомените на возрасните и да ја почувствуваат вистинската магија на Скопје. Оваа тура е прва од низата настани во организација на Издавачки центар ТРИ посветени на главниот град.