Се до неодамна технологијата која овозможува пишување со мислите наместо со прстите или со гласот се чинеше како научна фантастика, но денес ни е јасно дека не сме толку далеку од развојот на машина која ги поврзува мозокот и компјутерот и која ќе овозможи претворање на нашите мисли во текст на монитор. Од Facebook уште пред две години најавија развој на таква технологија, а неделава се пофалија со напредокот кој го постигнале досега, во што им помогнале научници од Универзитетот на Калифорнија.
Со помош на електроди поставени директно на човечкиот мозок научниците успеале да ја забележат и да ја декодираат мозочната активност и речиси во реално време на екранот од компјутер да го запишат она што го изговарале учесниците во испитувањето. Иако во претходните истражувања научниците успеале да декодираат мозочна активност и мислите да ги претворат во текст на компјутер, ова е прв пат да успеат да направат такво нешто во реално време.
Технологијата уште не е совршена и може да препознае само одреден број зборови и изрази, а целта на научнциите е да создадат еден вид речник од илјади зборови и да декодираат до 100 зборови во минута, со можност за грешка од 17%. Ако успеат во тоа, ќе можеме со многу луѓе со проблеми со говорот да комуницираме преку мислите.