Научниците кои соработуваат со компанијата на Илон Маск, Teslа, објавија научен труд за супертрајна батерија. Предвидувањата на Маск вообичаено се остваруваат, но најчесто временскиот рок кој го задава не се совпаѓа со реалноста, па за неговите автомобили, ракети и други технологии е потребно повеќе време од најавата до доаѓањето на пазарот отколку предвиденото.
Сепак, едно од неговите предвидувања може да се оствари побрзо од очекуваното затоа што во април годинава изјави дека Tesla наскоро ќе произведе автомобили чии батерии ќе издржуваат 1,6 милиони км без позначително сервисирање. Тоа предвидување би можело да се оствари затоа што во научниот труд кој го објави Џеф Дан од канадскиот Универзитет Далхаус претстави нов тип на батерии кои може да траат со децении без да изгубат на капацитет.
Со оглед на тоа дека Дан го води тимот на Teslа за истражувања за батерии, предвидувањето на Маск навистина може да се оствари. „Заклучивме дека ќелиите од овој тип би можеле да даваат погон за автомобилите повеќе од 1,6 милиони км и да се користат најмалку две децении за складирање енергија во куќните системи“ пишува во студијата.
Таквите батерии би биле од посебна корист во камионите и такси возилата, односно во возилата кои се користат значително повеќе од персоналните автомобили. Новиот тип батерија кој го развија Дан и неговиот тим е литиум-јонска батерија која содржи графит.
Студијата открила дека на температура од 20 C губи само 4% од капацитетот откако ја наполниле 3.400 пати во текот на повеќе од 2,25 години. Покрај тоа, батеријата која е наполнета до крај и поставена на таа температура не губи ништо од својот капацитет во период од 1,3 години. На повисоки температури исто така нема значителна деградација затоа што батеријата која ја чувале 1,3 години на температура од 40 C изгубила само 3% од капацитетот.
Засега не е познато кога оваа технологија ќе се примени во автомобилите на Teslа.
Илон Маск направи батерија со која автомобилите ќе возат 1,6 милиони км
- Advertisement -
- Advertisement -