„Атлантик група“ работи на прилагодување на корпоративните услови на новонастанатата ситуација на пазарот на трудот каде расте бројот на компании кои нудат флексибилно работно време и можност за работа од дома.
Ова го потврди Емил Тедеши, основач и сопственик на „Атлантик група“, на самитот Consumer Rules што неодамна се одржа во Белград, пренесе интернет порталот manager.ba.
Oдговорните лица во компанијата веќе работат на широк спектар погодности кои подразбираат квалитетно работно опкружување, корпоративна култура и добар баланс помеѓу слободното време и работата, а покрај тоа сериозно размислуваат за воведување на четиридневна работна недела. Финансиите, рече Тедеши, веќе не се пресуден фактор за да се остане на работното место бидејќи на прво место е сигурноста, а веднаш потоа е квалитетот на амбиентот во кој поединецот работи, се движи и создава вредност.
Тој додаде дека главните фактори кои ги привлекуваат луѓето да работат во некоја компанија се чувството за перспектива и за ред.
„Атлантик група“ е една од најголемите прехранбени компании во регионот која е присутна во Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Косово со повеќе од 5.000 вработени.
(www.instore.mk)