Матичната компанија на Google, Alphabet ќе го преземе производителот на фитнес уреди Fitbit за 2,1 милијарди долари, во обид да ги претекне Apple и Samsung на брзорастечкиот пазар за преносни уреди.
Google објави дека гледа шанса за понатамошен развој преку воведување на преносни уреди „Made by Google“ на пазарот и со вложување дополнителни ресурси во пренослива технологија, пренесе агенцијата Reuters.
На компанијата Fitbit и беа понудени 7,35 долари по акција во готово, објави Google. Тоа е за 19 проценти повеќе во однос на цената на вчерашното затворање на берзата.
Акциите на Fitbit пораснаа повеќе од 40 проценти откако вчера Reuters објави дека Google доставил понуда за преземање на тој производител на популарната шарена фитнес нараквица.