Nokia одлучи да го прошири својот бизнис на уште едно поле – паметните телевизори. Но, притоа ќе бидат внимателни и нема да почнат со глобална понуда, туку со лимитирана понуда само за купувачите од Индија.
На тамошниот пазар своите паметни телевизори ќе ги нудат преку индискиот Flipkart. Техничките податоци за телевизорите на Nokiа досега не се познати, но сепак се знае по нешто.
Деновиве во медиумите почнаа да се појавуваат информации дека телевизорите на Nokiа ќе имаат Ultra HD екран со резолуција од 4K. Засега се споменува само една големина на екранот – 55 инчи. Што се однесува на технологијата, телевизорите на Nokiа ќе ја имаат JBL аудиотехнологијата и интелигентната Dimming технологија, која на база на посебен алгоритам ќе нуди подобар контраст и подлабока црна боја во однос на конкуренцијата.
Nokia Smart Tv ќе се базира на Android платформата, поточно на Android 9.0 (Pie). Според упатените извори, телевизорите ќе имаат поддршка за Google Play, што значи дека корисниците ќе имаат пристап до многу Android апликации, кои ќе го подобрат мултимедијалното искуство. Официјалното претставување се очекува во текот на декември годинава.