Новата сорта јаболка наречена „космик крисп“ (Cosmic Crisp), која научниците ја развивале цели две децении и наводно може да стои во фрижидер до една година се најде на американскито пазар. Станува збор за сорта добиена со вкрстување на сортите „ханикрисп“ (Honeycrisp) и „ентерпрајз“ (Enterprise), а прв пат е одгледана на државниот универзитет Вашингтон во 1997 година.
Во развојот на оваа цврста, крцкава и сочна сорта јаболка инвестирани се 10 милиони долари, а ексклузивното право за нејзино одгледување го добија овоштарите во сојузната американска држава Вашингтон.
„Се работи за многу крцкаво јаболко, релативно цврсто и има добар соооднос на слаткост и киселост. Исто така, бавно се расипува и во фрижидер задржува одличен квалитет дури 10-12 месеци“ велат научниците.
Повеќе од 12 милиони стебла од оваа сорта се засадени во овоштарниците во Вашингтон на површина од 12.000 хектари, а се проценува дека од продажбата на плодовите ќе се заработат 30 милиони долари.
Сортата најпрвин била позната како WA38, а името „космик крисп“ го добила поради белите точки на темно црвената кора, кои потсетуваат на ноќното ѕвездено небо.
Државата Вашингтон е најголем производител на јаболка во САД, а најпопуларните сорти „златен делишес“ и „црвен делишес“ се соочуваат со жестока конкуренција од „пинк лејди“ и „ројал гала“. После бананите, јаболката се најпродаваното овошје во САД.