Кога младиот Тецуја Иноуе очнал да го води хотелот Asahi Ryokan во јапонскиот град Фукуока, кој го наследил од својата баба, се запрашал како може да го оправи бизнисот. Дваесет и седумгодишниот Иноуе дошол на идеја да го искористи интернетот за да дојде до нови клиенти, но и до нови извори на приходи.
Иноуе изгледа го нашол одговорот, па сега гостите во Asahi Ryokan плаќаат ноќевање од само еден долар, но под еден услов – целосниот престој во собите да биде снимен и објавен на интернет. На овој начин Иноуе привлекол големо внимание, а луѓето желни за нешто ново веднаш ја прифатиле играта.
Сепак, постојат ограничувања во начинот на емитување во живо. Иноуе објаснува дека се снима само видео без звук за гостите да имаат одредена доза приватност. Исто така, гостите можат да го исклучат светлото кога ќе завршат со дневните активности, а во бањите нема камери.
„Ова е многу стар ryokan и се наоѓа на поевтината страна од градот, па ми требаше нешто ново, некоја додадена вредност за која ќе зборуваат сите. Освен тоа, младите денес не се грижат толку за приватноста“, објаснува Иноуе.
Досега четворица гости ја прифатиле оваа понуда. Иако собите за еден долар не можат да придонесат за поголеми приходи на хотелот, тој се надева дека неговиот канал на YouTube, кој се вика One Dollar Hotel и досега надминал 1.000 претплатници, наскоро ќе собере 4.000 часа прегледи, па ќе може на него да објавува огласи.
Исто така, на ѕидовите на хотелот има знаци кои ги потсетуваат гостите дека се снимаат за да бидат што поинтересни. Освен приликата илјадници странци да го гледаат престојот во Фукуока, оваа дестинација е една од задолжителните кои CNN препорачува да се посетат. Овој убав приморски град е познат по својата вкусна храна. Секој ден тука може да се јаде домашна, свежо уловена риба.