Проектот клима инвертери за граѓаните ќе стартува денес, веднаш по владината седница во Штип, најави заменик министерот во Министерството за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
Макрадули посочи дека нема правни пречки за реализација на големиот еко-проект.
Расчистени се сите правни дилеми, пренесени се финансиските средства до општините, а тие со своја програма ќе ги определат зоните и ќе овозможат имплеметација на проектот за клима инвертери. Мислам дека проектот ќе стартува денес веднаш по владината седница во Штип, изјави Макрадули кој во Битола ги посети основните училишта „Кирил и Методиј“ и „Александар Турунџев“ каде со поддршка на МЖСПП се реализираат еко-проекти.
Со проектот на Владата се предвидува 10 илјади семејства од Скопје, Тетово, Битола и Кичево да добијат субвенции од по 1.000 евра за купување инвертер клима во замена со печките на огревно дрво. Предност ќе имаат домаќинства со ниски приходи.