Австралиски научници денес објавија дека успешно одгледале верија на новиот корона вирус, што е првиот одгледан вирус надвор од Кина. Тие велат дека ќе го споделат со Светската здравствена организација и со научниците за побрзо да се развие вакцина за вирусот.
Истражувачкиот тим од Институтот Питер Доерти за инфекции и имунитет во Мелбурн вели дека ќе го споделат примерокот кој го изолирале од заразени пациенти со Светската здравствена организација и со други лаборатории ширум светот.
Ова е чекор напред, тоа е дел од сложувалката која ја сложувавме, изјавија од Институтот и напоменаа дека ова откритие засега само по себе нема револуционерно да ја промени борбата против вирусот.
Корона вирусот, кој предизвикува симптоми слични на грип, се појави во кинескиот град Вухан во покраината Хубеи на крајот на 2019 година. Оттогаш досега најголем дел од покраината Хубеи, која има жители колку Италија, се наоѓа во карантин.
Сепак, вирусот се појави во повеќе азиски земји, во Австралија, САД, Канада, Франција и во Германија. Една лабораторија во Кина веќе успешно го одгледа вирусот, но објавија само секвенца од геномот на вирусот.
Ова откритие на австралиските научници овозможува тестирање на антитела и детектирање на вирусот кај пациенти кои ги немаат симптомите, велат од Институтот Доерти.
Досега во Кина починаа вкупно 132 лица од корона вирусот, а потврдени се 5.974 случаи на заразени луѓе. Вирусот се пренесува со кашлање и со кивање, а инкубацискиот период трае до 14 дена.