Тим од научници од францускиот Национален институт за здравје и медицински истражувања во Бордо направи предиво од клетки од човечка кожа и го нарекоа „човечка ткаенина“. Тие тврдат дека нивниот нов материјал хирурзите можат да го користат за затворање рани на човечкото тело и од него да направат кожа спремна за пресадување.
Оваа „човечка ткаенина“ овомомжува уникатна биокомпатибилност и претставува нова генерација биолошки производи направени од ткива, појаснуваат француските научници со студијата која ја објавија во научното списание Acta Biomaterialia.
Главната предност на оваа ткаенина е тоа што за разлика од конвенционалните статички хируршки материјали, не предизвикува реакција на имунолошкиот систем на пациентите, која може да го комплицира процесот на лечење на раните, односно ткивата.
За да го направат предивото француските научници сечеле ленти од клетки од човечка кожа и потоа ги составиле во материјал сличен на предиво, кој потоа може да се користи во различни форми. Може од него да се направат кеси, цевчиња, вентили или перфорирани мембрани. Со ова предиво може да се шие, да се плете, да се ткае итн.
Француските научници засега ткаенината ја искористиле за зашивање рани на стаорци, што на глодачите им овозможило целосно залекување на раните за само две недели. Успеале да направат и примерок од кожа за пресадување користејќи специјален разбој и со него ги закрпиле артериите на овци и спречиле крварење.