Трендот на “дигиталното номадство” пристигнува и во Македонија

- Advertisement -

Пишува: Катерина Трајчевска, ко-основач на Адева, глобална мрежа на софтверски инженери која ги поврзува компаниите со ИТ таленти ширум светот. Цврсто верува во “работата од иднината”, каде не е важно колку и од каде работиме, туку која е вредноста што ја даваме како професионалци.

Од ден на ден светот станува се помал – потребно е помалку од еден ден за да стигнете на состанок на другиот крај од Земјата, или помалку од 1 минута ако го правите истото онлајн. Со глобализацијата, традиционалната канцеларија доживува огромна трансформација, а светот го зафаќаат два различни бранови на одлив на мозоци. Првиот, малку попознат за нас, каде професионалци од земјите како Македонија бараат подобри можности во развиените земји во светот. Вториот, пак, е одлив на висококвалификуван кадар од светските технолошки центри кон земјите во развој, познат како дигитално номадство. 

- Advertisement -

Дигитални номади се индивидуалци кои работат од далечина (remote) со помош на технологијата. Најчесто станува збор за претприемачи или професионалци во областа на софтверско инжинерство или дигитален маркетинг. Движењето започнува во развиените градови кои се пренаселени, па луѓето одлучуваат да започнат живот на некоја егзотична дестинација како Бали или Тајланд, каде можат да ги намалат своите трошоци и да го подобрат квалитетот на живот.

Денес, се повеќе луѓе се одлучуваат за ваков животен стил, вклучувајќи и луѓе од неразвиени земји како Македонија кои посетуваат најразлични дестинации ширум светот, комбинирајќи ги уживањето и работата.

- Advertisement -

Еден од нив е Никола, кој пред само една година го прекина процесот на преселба во Германија за да се приклучи на дистрибуиран тим кој работеше на софтвер за најголемите банки во Америка. Веќе 1 година работи remote преку Адева, а неодамна одлучи да отпатува на неколку егзотични дестинации и да го искуси животот на дигитален номад. 

“Никогаш не сум замислувал дека ќе ги посетам најубавите дестинации во светот. Remote работата ми го дозволува тоа. Нема да го заборавам првиот викенд кој го поминав на Бали и островот Фи Фи. Неверојатно искуство.” – Никола Ѓорѓиевски, дигитален номад.

- Advertisement -

Во текот на 6 месеци, Никола живееше и работеше од Бали, Тенерифе и Тајланд. Според него, Бали е рајот за дигиталните номади. Canggu и Ubud се најпознатите co-working места, каде доаѓаат луѓе од сите страни на светот, најчесто програмери, дизајнери, преведувачи и претприемачи. Има прекрасна природа со песочни плажи, тропски шуми и оризови тераси. Локалното население има неверојатна култура, сосема различна од животниот стил на номадите кои одлучуваат да се преселат во Бали. Сепак, луѓето се премногу гостопримливи и се гордеат со тоа што привлекуваат толку многу туристи.

За разлика од Бали, во Тенерифе нема да најдете толку co-working места каде може да запознаете други дигитални номади, но изобилува со неверојатни плажи, ресорти и вечна пролет. Тајланд исто така има неверојатна природа, брз Интернет и одлични услови за remote работа. Доколку патувате сами, одлучете се за локација која е популарна меѓу номадите, со co-working места каде може да запознаете интересни луѓе и да споделувате искуства. Никола патува со сопругата, па се одлучува за дестинации кои сака да ги посети без разлика на тоа колку е “номадството” популарно таму. Во Тајланд го препорачува Краби: место со прекрасни плажи, неверојатна природа и релаксиран живот.

Секако, постојат предизвици со кои ќе се соочите, а според Никола, најважно е да внимавате при изборот на апартманот: дали има добра интернет конекција и услови за работа. Тој одлучува да работи од дома, но секогаш постои опција за co-working простор или локални кафе барови. Дополнително, многу е важно да го испланирате денот соодветно, за да имате доволно време и за работа и за уживање во новата средина. Во текот на работната недела, Никола практикува активности кои може да се прават пред или после работното време, како пливање, прошетки и велосипедизам. Викендот го посветува на туристичките атракции кои сака да ги посети.

Доколку местото кое ќе одлучите да го посетите има значителна временска разлика со локацијата на клиентите со кои работите може да се соочите со вистински предизвик. Внимавајте на тоа пред да ја одберете вашата дестинација или бидете подготвени за работа во “трета смена”. 

Ако најголем дел од вашата работа ја завршувате на компјутер, веќе се “квалификувате” за дигитален номад. Доколку размислувате за една ваква авантура, погледнете ја и онлајн заедницата Nomad List – таму ќе најдете информации за најпопуларните локации со нивните јаки и слаби страни, како и други искуства од луѓе кои го искусиле животот како дигитален номад.

За некои луѓе дигиталното номадство е начин на живот кој не би сакале да го заменат со ништо, но повеќето од нас би биле носталгични за својот дом и блиските луѓе после подолг живот “на тркала”. Без разлика дали ќе се одлучите за една недела работа од Шпанија, или една година живот во Перу, развојот на технологијата и remote работата ни носат можности кои не сме можеле да ги замислиме никогаш. Светот навистина ни е на дланка.

Сподели!
- Advertisement -