Иако поради својата политика за објавување на политички огласи се најде на удар, Facebook сепак покажа дека може правилно да реагира кога ќе треба. Сега од компанијата објавија сека ќе ги заострат правилата за објавување на огласи врзани за корона вирусот на таа социјална мрежа. Сите огласи кои во себе содржат порака во која се ветува излекување или превенција на вирусот, како и тие кои имаат за цел да дигнат паника ќе бидат веднаш остранети и забранети.
Меѓу огласите кои се отстрануваат се и оние во кои се продаваат заштитни маски кои наводно 100% штитат од корона вирусот. Истите правила ќе се применат и на Marketplace, огласникот на Facebook, на кој во последно време се појавуваат огласи во кои по многу високи цени се продаваат медицински маски и лекови против корона вирусот.
Посебно внимание ќе се обрне на групите во кои се споделуваат сомнителни и непроверени совети за заштита, а кои може да предизвикаат поголема штета отколку корист.
Facebook уште од претходно ја активираше својата мрежа од фактографи, чија главна задача е да ја проверат вистинитоста на тврдењата за корона вирусот кои се објавуваат на таа социјална мрежа. Објавите кои ќе се покажат лажни или невистинити веднаш се отстрануваат.