Рита Ебел е 62-годишна Германка која уште ја нарекуваат и „лего бабата“. Таа и нејзиниот сопруг Волфганг ја направиле првата рампа за инвалидска количка од лего коцки во нивниот стан во Ханау пред околу една година. Ебел почнала да ги прави рампите со цел да ја подигне свеста кај луѓето за проблемите на хендикепираните луѓе во Ханау. Во меѓувреме десетици продавници почнале да ги користат нејзините шаренолики рампи за инвалидски колички.
„Јас едноставно сакам да го направам светот место каде што сите ќе можеме да се движиме без бариери. Секој може преку ноќ да се најде во ситуација за користи инвалидска количка, како што ми се случи мене“ вели Ебел. Таа користи инвалидска количка откако настрадала во сообраќајна незгода пред 25 години.
Заедно со нејзиниот сопруг Ебел често по неколку часа во денот прави рампи од лего коцки по нарачка од продавници. За една рампа се потребни неколку стотици мали пластични коцки кои ги лепат со околу 8 туби лепак.
Светлите бои од кои ги прави рампите ја разубавуваат монотоната градска средина. „Нема човек што не застанува да ги види рампите кога ќе помине покрај нив. Било да се тоа деца кои се обидуваат да ги земат лего коцките во рака или возрасни кои ги фотографираат“ вели Ебел.
Локалните бизниси исто така ја поддржуваат затоа што нејзините рампи ја подобруваат пристапноста до продавниците. Ебел коцките за рампите ги добива главно од донации, па најголемиот предизвик за неа е да снабди лего коцки затоа што многу семејства не сакаат да ги подарат.
Нејзината идеја се прошири и во други земји. Таа своите инструкции за градње на рампите ги испратила во Австрија и во Швајцарија, а сега има интерес и од Шпанија и од училиште во САД.