Либерализацијата на пазарот на електрична енергија се одвива успешно, до сега вкупно 3.718 потрошувачи се излезени на слободниот пазар, компаниите добиваат пониски сметки, додека цената на електрична енергија за домаќинства е најевтина во Европа – соопшти Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.
Претседателот Бислимоски заедно со членовите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги одржаа состанок со компаниите Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје и ЕВН Хоме ДОО Скопје со коишто потрошувачите имаат непосреден контакт поврзан со тековното и претстојното излегување на пазарот на слободниот пазар на електрична енергија.
Либерализацијата донесе пониски сметки за компаниите што излегоа на слободниот пазар на електрична енергија. Да го споделам податок што го имаме од интернет страницата – switch.mk која е агрегатор на понудите на компаниите снабдувачи, за LV2 категорија на приклучок со којашто се опфатени потрошувачите приклучени на 0,4kV напонско ниво, најниската понуда е за 29% пониска од понудата од Универзалниот снабдувач. Во исто време воведувањето на Универзалниот снабдувач се покажа како одличен модел за домаќинствата кој ја нуди најевтината цена. Во Република Северна Македонија цената на електрична енергија на домаќинствата е една од најниските во Европа.“ изјави Бислимоски.
Според рокот пропишан во Законот за енергетика до 31 март оваа година на слободниот пазар со електрична енергија треба да излезат близу 2.500 правни субјекти- со што практично ќе се заокружи процесот на целосна либерализација.
Ги повикувам останатите субјекти што ги исполнуваат условите, посебно им укажуваме и на јавни претпријатија во државна сопственост и во сопственост на општините да излезат на слободниот пазар согласно пропишаните рокови, а тоа е до 31 март. И РКЕ, како потрошувач што треба да излезе на слободниот пазар на електрична енергија, распиша јавен оглас за набавка на електрична енергија и за истата ја информиравме јавноста. Но она што сакам да потенцирам е дека водејќи се од начелото на транспарентност, тендерската документација е достапна на нашиот сајт и сите што треба да ја исполнат обврската во овој период може да им послужи како соодветен урнек и да ја преземат.“ изјави Бислимоски.
Од 1 јануари 2019 година пазарот на електрична енергија е целосно либерализиран, но практично уште 2.474 потрошувачи треба до 31 март 2020 година да одберат снабдувач на електрична енергија. Во оваа последна фаза потрошувачите кои го исполнуваат условот да имаат просечен број на вработени во последните две пресметковни години поголем или еднаков на 50 или вкупен годишен приход поголем или еднаков на 2 милиони евра во денарска противвредност, согласно податоците добиени од Централен Регистар на Република Северна Македонија мора да изберат снабдувач со електрична енергија.