Најголемата европска регионална авиокомпанија, Flybe, престана да работи вчера, на 4 март 2020 година. Flaybe побарала заем од 100 милиони фунти од владата на Обединетото Кралство, но не им бил одобрен заемот. Компанијата се обратила за помош молејќи да продолжи да работи до крајот на месецот за да се обиде да ја преброди сериозната криза која настанала како последица на епидемијата на корона вирусот.
Оваа компанија, како и многу други ширум светот, последните недели се соочуваат со сериозни проблеми затоа што бројот на патници е најмалку преполовен. Како што ијзавија од Интернационалната асоцијација за авиотранспорт (IATA) пред неколку дена, авиосообраќајот се наоѓа во можеби најголемата криза во последните десет години. Корона вирусот доведе до намалена продажба на билети, откажување на многу претходно направени резервации и непојавување на патници на летови.
Сите авиокомпании трпат огромна штета и имаат намалена добивка, а инаку финансиски слабите авиокомпании како Flybe, кои веќе долго време се мачат да останат ликвидни, ризикуваат да прекинат со работа. Токму тоа и се случи на оваа британска компанија, која остави 2.300 луѓе без работа, а голем број мали британски аеродроми без никаков промет.
Освен што беше најголема европска регионална компанија, Flybe беше и компанија со најголем број линии во домашниот сообраќај во Велика Британија. Интернет-страницата на компанијата престана да работи во 23.45 часот вчера, приближно во исто време која беа реализирани последните летови на компанијата, а авионите приземјени.