– Економистите од ООН предупредуваат дека избувнувањето на епидемијата на новиот коронавирус може да ја чини глобалната економија меѓу 1,0 трилиони и 2,0 трилиони долари оваа година и ги повикаа владите да ги зголемат трошоците за да ги ублажат ефектите од болеста.
Во извештајот на Конференцијата на Обединетите нации за трговија, инвестиции и развој (УНКТАД) се заклучува дека епидемијата на Ковид-19 ќе одведе одредени земји во рецесија и значително ќе го забави растот на глобалната економија во целина.
Всушност, епидемијата, од која веќе се заразени повеќе од 110.000 луѓе и починати над 3.800 луѓе ширум светот, се очекува да го спушти глобалниот економски раст далеку под 2,5 проценти, ниво што „честопати се смета како праг на рецесија на глобалната економија”. велат од УНКТАД.
– Очекуваме растот на светската економија да забави под два проценти оваа година, и тоа веројатно ќе чини околу 1,0 трилиони долари”, во споредба со септемвриската прогноза, предупреди Ричард Козул-Рајт, шеф на одделот за стратегии за глобализација и развој при УНКТАД .
– Вистинското прашање сега е дали оваа прогноза ќе се покаже оптимистична, изјави тој пред новинарите во Женева, додавајќи дека според најлошото сценарио ќе бидат изгубени до 2,0 трилиони долари.
Губењето доверба кај потрошувачите и инвеститорите, забавување на глобалната побарувачка, растечкиот долг и широката вознемиреност на пазарот се само неколку од проблемите што претставуваат закана за глобалната економија.
Во најдраматичното сценарио, најтешко погодени економии би биле државите кои во голема мерка се потпираат на извоз на нафта и други производи, како и оние со тесни трговски врски со Кина и другите земји кои се меѓу најпогодените од болеста, сметаат економистите на ОН .
Оценувајќи дека централните банки сами нема да можат да се справат со кризата, УНКТАД повика на меѓународна координација меѓу најдобрите светски економии.
„Соодветната реакција на макроекономската политика ќе бара агресивно фискално трошење со значителни јавни инвестиции”, рече УНКТАД, барајќи пари да се влеваат во економијата, како и „насочена поддршка за благосостојба на погодените работници, бизниси и заедници”.
– Владите треба да трошат во овој момент за да спречат … еден вид сценарио на на Судниот ден, при што глобалната економија расте само 0,5 проценти оваа година, рече Козул-Рајт. Тој дополни дека во такво сценарио, глобалната економија би претрпела штета од дури два трилиони долари.