Конзорциум составен од Mercedes Formula One и други тимови од F1 велат дека направиле помагало кое ќе им помогне на пациентите заболени од корона вирусот. Тој уред е верзија на CPAP или машина за континуиран позитивен притисок за воздух низ дишните патишта (Continuous Positive Airway Pressure), која не е респиратор, но сепак помага на пациенти со тешкотии во дишењето.
Помагалото за дишење кое може да им помогне на пациентите да ја избегнат интензивната нега е направено за помалку од една недела. Ако тестирањата поминат добро, Mercedes-AMG-HPP може дневно да произведе по 1.000 такви уреди. Според Top Gear, првите 100 машини биле дистрибуирани на Универзитетскиот колеџ Лондон и уште 100 до други болници за тестирање.
Инженерите од Универзитетот на Лондон работеле со клиничари во Универзитетската образовна болница во Лондон и Mercedes Formulа 1 на изработката на уредот кој носи кислород во белите дробови без потреба од респиратор. Уредите за континуиран проток на воздух во дишните патишта веќе се користат во болниците, но ги има во мал број.
Кина и Италија ги користеле за помош на болните од КОВИД-19. Четириесет нови уреди се испорачани на универзитетската болница и во три други лондонски болници. Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи во Велика Британија веќе дала одобрение за нивна употреба.
Од конзорциумот било побарано во текот на март да најде начин за пренамена на фабриките кои произведуваат буквално се – од мотори за авиони до најбрзите тркачки автомобили во светот – но уште не е познато кога ќе бидат достапни респираторите за употреба во болниците.