Корона вирусот не предизвикува само температура, кашлање и проблеми со дишењето, туку и невролошки проблеми како главоболки и вртоглавици, покажа ново истражување.
Студијата ја направија кинески научници на пациенти во Вухан, епицентарот на пандемијата и резултатите ги објавија во списанието JAMA Neurology. Тие известија дека една третина од 214 пациенти кои ги анализирале покажувале знаци на влијанието на вирусот врз нервниот систем.
И претходно имаше случаи пациенти заболени од корона вирусот да го губат чувството за мирис и вкус. Тие симптоми укажуваат на тоа дека на некој начин бил зафатен и мозокот, коментираат некои специјалисти за инфективни болести.
Но, има многу малку студии за влијанието на корона вирусот врз мозокот на пациентите. Студијата од Вухан се базира на историјата на болеста, на лабораториски наоди и радиолошки испитувања кај тие 214 пациенти.
Неврологот Линг Мао од Факултетот за науча и технологија од кинескиот град Хуангжу напиша дека кај 78 од пациентите или 36,4% се забележани невролошки тешкотии. Имено, 12 од нив го изгубиле осетот за вкус, а 11 осетот за мирис. Шест од нив претрпеле и мозочен удар.
Но, кинеските научници не се сигурни дали тие симптоми се последица на самата болест или се дел од одговорот на организмот на воспалителниот процес.