„Seed of life“, иновативните органски барови од Неготино го освојуваат светот!

- Advertisement -

„Seed of life“ со своите органски и сирови кликери и хипер барови ги освојува и најприбирливите сладокусци со комбинациите на семки и зачини во магични вкусови

Производите создадени од семиња полни со живот, на неготинската компанија, фасцинираат со спојот на квалитет на суровини, уникатноста на вкусови, а во комбинација со добро пакување и модерна амбалажа, креираат бренд со кој може да се гордееме. Полни со витамини, ензими и масни киселини, особено важни сега кога се соочуваме со пандемијата и вирусот КОВИД 19. За да се постигне тоа, биле потребни многу истражувања и развој. Успеавме да ја почувствуваме таа енергија и љубов во создавањето на секое парче од производот, која ви ја пренесуваме во ова четиво.

- Advertisement -

Пишува Марија Георгиевска

Да се изработи сиров производ е потребно многу знаење и љубов, така велат македонските експерти за најдобро комбинирање на здравите и вкусни состојки, тимот на неготинската компанија „Seed of life“. Тие успеале да го направат тоа толку мајсторски што полека но сигурно нивните кликери со солен вкус, а сега и слатките хипер барови почнуваат да се вовлекуваат „под кожа“ и во секојдневната исхрана на потрошувачите. Добро одбраните семки, овие креативни дами успеале толку мајсторски да ги комбинираат што не може да се остане рамнодушен. Има повеќе вкусови на производите, но вкусот на лаванда, како мое уникатно задоволство, може да се каже дека е ремек дело, рамо до рамо со спирулина, маточина, мента, кокос, какао и сите останати семки и билки кои значат живот. Она што фасцинира е спојoт на квалитет на суровини, уникатноста на вкусови, во комбинација со добро пакување и модерна амбалажа. Ќе речам, светски, а македонски производи и тоа со голема радост. Оваа убава бизнис приказна за „Seed of life“ ја споделувам како мое лично доживување и ја откривам оваа уникатна бизнис приказна, која ме плени и радува до денес заедно со секој нивен успех и нов производ.

- Advertisement -

Детството и желбата за зачувување на здравиот начин на живот како мотив

За да ја разбереме приказната, мора да се навратиме на почетоците и мотивите за создавањето на „Seed of life“. Катерина Карапанчевска-Петровски, генерален менаџер на компанијата вели дека е основана 2011 година со многу љубов, ентузијазам и желба за наметнување на здрави навики.

- Advertisement -

Го започнавме „Seed of Life“ за да им овозможиме на луѓето да имаат пристап до здрава храна, иако животниот стил станува многу динамичен и времето за подготовка на храна од овој вид станува голем луксуз. Нашата мисија во „Seed of Life“ е да ги зачуваме животот и хранливата вредност во храната што ја консумираме“. Приказната за почетоците ја дополнува Билјана Карапанџова, со спомените од детството за нејзе и нејзината другарка Невенка Димитрова, сопственичката на „Seed of life“. Таму влечат корени љубовта кон здравата домашна храна и навиките од семејството и предците, како оние за дедо Стојан, кој со 95 години се хранел со сирова храна: ореви, сушени јаболки и кајсии.

„Кога ќе погледнам во минатото ми излегува сликата на двете девојчиња кои береа овошја во дворот и од нив изработуваа сокчиња. Јаготките ни беа омилени. Немавме модерни соковници, но со малите рачиња успевавме на традиционален начин да ги пасираме и цедиме овошјата. Добиените сокчиња ги именувавме со почетните букви од нашите имиња. Минуваа години, а идејата да создадеме здрава и вкусна храна се повеќе растеше. Постојано баравме начини за производство на вистински здрава храна. Успеавме, го создадовме „Seed of Lifе“, а сонот се претвори во реалност“, раскажува Карапанџова. Тоа, всушност е сонот и на сопственичката на „Seed of life“, Невенка Димитрова која иако живее во странство, инвестирала во својата земја водена од страста за здрава органска храна. Денес, кога компанијата е на пазарот и произведува уникатни производи, заклучокот е дека не треба да се откажеме од сонот, колку и да е тежок патот до неговото остварување.

Семки кои  значат живот

Првиот впечаток кој го стекнав, кога го вкусив производот е дека се многу повкусни од се она што претходно имав пробано од овој вид на производи. Чувствував вкус на природни состојки, но со посилни ароми и вкусови, со еден збор „поживи“. Во следниот миг, го чувствував како нешто што вреди да се јаде и веќе замислував разни нови комбинации со нив. Посетувајќи го тимот на „Seed of life“ во Неготино, гледајќи како се создаваат овие производи, она што ми привлече најголемо внимание, несомнено беше тимот на овие неуморни дами, нивната голема посветеност, сплотеноста и желбата да го направат најубавото парче крекери. Таа љубов во работата,што извираше од нивните погледи, никогаш не се заборава. За секој вид семки беа подготвени да раскажат комплетна приказна, од користа за здравјето, до можноста да се комбинираат со други производи. Тоа нуди едно комплетно ново гурманско уживање на македонските потрошувачи.

Менаџерката на „Seed of life“, вели дека од јануари 2019 година нивната стратегија е производство на органски сертифицирани производи кои се безглутенски, вегански, сирови и без додаден шеќер. Засега имаат 10 производи во продажба, односно 4 видови на кликери и 6 видови на барови.

Секое семе е обдарено со нов живот и тоа е причината зошто ние ги користиме семињата како основа за нашите производи. Секој производ пред се е изработен со многу љубов и внимание. На македонскиот и на светските пазари има понуда од многу слични производи, но она што не издвојува од другите се уникатните комбинации на семки и зачини и магичните вкусови што бараат многу истражување и развој. Многу малку компании успеале да добијат совршени вкусови со искористување на сирови состојки, како што се лавандата, спирулината, маточината. Сите се несекојдневни, а нашата дефиниција за сладост се витални состојки и бавно ослободување на енергија. Освен што ја зголемуваат енергијата, помагаат во одржување на здрав животен стил, здраво тело и ведар дух. Тие се со богат нутритивен профил, извор на витамини, омега-3, омега-6 есенцијални масни киселини, како и минерали и растителни влакна. Одлични се за зајакнување на имунитетот, вкусни се и навистина неверојатно комбинирани“, вели Карапанчевска-Петровски.

Таа дополнува дека сите состојки кои ги користат се органски сертифицирани, сирови и со највисок квалитет. Со што и да се занимавате најважно е да не отстапувате од квалитетот.

Ние користиме семиња полни со живот, зачини, а со урмата пак, која е основата во нашите барови, внесуваме егзотична и ориентална нота. Тука се и лавандата, маточината, спирулината и сите останати кои веќе ги споменав. Би сакала да истакнам дека нашите производи се особено важни сега кога се соочуваме со пандемијата и вирусот КОВИД 19. Сега повеќе, од било кога порано, е важно да го зајакнуваме имунитетот. Со нашите производи тоа успешно се постигнува. Тие се без глутен, без додаден шеќер, без млечни производи, а тоа се многу важни аспекти за луѓето со алергии и дијабет. Водејќи се од ситуацијата во која се наоѓаме и неможноста на одредени лица да излезат од своите домови, сакавме да не им ја ускратиме можноста да ги купат, па овозможивме и онлајн продажба преку Групер шопинг молот“, објаснува Карапанчевска-Петровски.

Перспективи за органско производство и заедничка соработка за поголема конкурентност

Органските производи во светот се многу барани од потрошувачите. Тоа ги зголемува перспективита на домашните производители за настап на странските пазари. Од друга страна, постепено расте интересот и свеста кај македонските потрошувачи за органските производи. Наспроти зголемениот интерес за снабдување со органски производи, мал е бројот на земјоделци кои произведуваат органска храна, односно потенцијални суровини за производство на органски преработки и останати производи. Останува да се работи на поддршка и поттикнување на поголемо органско производство, што ќе даде можност и за прехранбената индустрија. Од менаџментот на „Seed of life“ велат дека секогаш се во потрага по македонски партнери, но за жал малубројни се оние кои имаат органски сертифицирани производи, па некои од состојките мора да ги увезуваат од околните земји.

Би упатила еден апел до сите македонски компании и индивидуални земјоделци да размислат за ова, бидејќи така сите заедно си помагаме и даваме голем придонес кон македонската економија“, вели менаџерката на „Seed of life“.

Како се гледа на овие производи и колку се прифатени?

Македонските потрошувачи покажуваат зголемен интерес за органските и сирови производи. Од „Seed of life“ забележуваат дека се уште нивото на свесност не е како во другите европски земји, меѓутоа е далеку повисока за разлика од пред неколку години. Особено, радува фактот што заинтересираност има кај сите возрасти, а големо задоволство им причинува тоа што и децата ги прифаќаат. Од компанијата велат дека огромни се здравствените придобивки од консумирање на нивните производи, па се повеќе лица со здравствени проблеми веќе ги внесуваат во својата секојдневна исхрана. Тие соработуваат со нутриционистката Цвета Динева, со цел  да ја зголемат свеста за ваков тип на производи. 

Тимот на Seeds of Life има големи планови и нивната цел е пласман на кликерите и хипер баровите на сите континенти, во следните 10 години.

Каде е местото на македонските производи од оваа категорија?

Фактот дека овие производи воодушевуваат може да се потврди кога ќе се погледне нивното пакување, надополнето со квалитетот кој го имаат. Од компанијата велат дека максимално се трудат да потенцираат дека се работи за 100% македонски производи. Така и со гордост веќе три години по ред се претставуваат на најголемиот Саем за органска храна „БИОФАХ (BIOFACH)“ во Нинберг, Германија. Велат дека многу често се соочуваат со изненадени луѓе на нивните промоции, кои не можат да поверуваат дека производи со толку совршен вкус и модерна амбалажа се 100% македонски производи. Но, веќе ги препознаваат и знаат дека се работи за македонска компанија. Производите ги има во сите поголеми маркети во цела Македонија, како ДМ, Тинекс, Веро, Рептил итн. Одржуваат и викенд промоции во маркетите, затоа што личните разговори со потрошувачите немаат замена.

Ние можеби сме мала земја, но имаме толку многу да понудиме. Последните неколку години сме сведоци на доста иновативни компании во различни сфери на дејствување. Секој од нас треба да го цени домашното производство, впрочем тоа е клуч за успехот на секоја една држава„, вели менаџерката на „Seed of life“ .

Перспективи и планови за во иднина

Плановите на „Seed of life“ се големи. Од менаџментот на компанијата велат дека, добро поставената стратегија ги води во насока на освојување на нови пазари. Веќе пласираат на хрватскиот и чешкиот пазар, со напредна фаза на преговори за пласирање на францускиот, германскиот и пазарот во ОАЕ.  Новонастанатата ситуација со КОВИД  19, го попречил стартот на дистрибуцијата на српскиот пазар. Од компанијата велат дека постојано истражуваат нови пазари, анализираат и се во чекор со светските трендови.

Плановите за македонскиот пазар се исто така,амбициозни и во моментов се работиме на лансирање на нови производи. Особено сум горда што нашиот тим е составен од 7 прекрасни, креативни и неуморни дами“, заклучува Катерина Карапанчевска –Петровски, генерален менаџер на „Seed of life“.

Како може да се заврши една ваква македонска бизнис приказна, освен со тоа дека, тука, всушност, не завршува ништо, бидејќи овој мал тим е отворен за соработка, за  секој оној кој препознава квалитет и потенцијал. Тимот на Seeds of Life има големи планови и нивната цел е пласман на кликерите и хипер баровите на сите континенти, во следните 10 години.

Tимот на Seed of Life на Саем во Германија
Сподели!
- Advertisement -