Приказната за „тетка Вегета“-Злата Бартл!

- Advertisement -

Многу често развојот на една компанија и пресвртот во нејзиното работење го прави еден човек. Во случајот на Подравка тоа е Злата Бартл, жената која со својата неуморна потрага по нешто ново, го направи најпрепознатливиот производ на компанијата – Вегета и до крајот на животот го стекна прекарот „тетка Вегета“!

Желбата за знаење била главна водилка за Злата Бартл, жената чија работа ја одбележа златната ера на компанијата „Подравка“, периодот кога се измислени и воведени продукти кои до ден денес гордо го носат потписот „Подравка“ и се продаваат во повеќе од 50 земји ширум светот.

Злата Бартл или „тетка Вегета“ е култна личност во историјата на фабриката од хрватскиот град Копривница. Таа е жената која оставила траен белег и ја интегрирала иновативноста во „гените“ на компанијата.

- Advertisement -

Таа во „Подравка“ се вработува во 1955 година и само две години подоцна во истражувачката лабораторија, под нејзино лидерство, се „раѓаат“ неколку супи во ќесичка, кои во тоа време биле револуционерна иновација. Интересна е приказната како настанале супите. Нејзина пријателка од Франција и донела инстант супа во кесичка. Тоа и се допаднало и и поттикнало интересна идеја. Злата решила заедно со својот тим во лабораторијата на Подравка да осмисли и да направи дехидрирана супа – производ кој на жените ќе им го промени животот.

Фото: Aрхива на Подравка

Таа сакала супата да има вкус како супите на нејзината мајка. Ги споила имагинацијата и најсовремените технологии за дехидрирање на зеленчук во тоа време и така во 1957 година настанале првите инстант супи: супа од зеленчук, супа од грашок, супа од печурки со тестенини и супа од печурки со компири. Веќе следната година се лансираат и кокошкина и говедска супа со тестенини кои до ден денес се „класика“ на секоја трпеза.

- Advertisement -

Колку нејзините идеи биле пред времето кажува и фактот дека во тоа време фабриката немала соодветни машини за нивно производство, па кесичките супа на почеток биле затворани со пегла, но потрошувачите биле одушевени.

Во овој период се чини лабораториите на Подравка биле постојано во функција. Во текот на 1958 година Злата го води тимот на експерти на Подравка кој развива нов производ – мешавина од дехидриран зеленчук. Така се раѓа Вегета, дефинитивно најпознатиот бренд на фабриката од Копривница, кој доживеа огромен успех на домашниот и на бројните странски пазари.

- Advertisement -
Фото: Aрхива на Подравка

Злата Бартл: „Целиот свој живот сонував да создадам нешто што ќе биде корисно. Многу сакав да учам, да читам и да проучувам работи кои не биле во мојот домен, па и по цена на непреспиени ноќи“

Но, која всушност била Злата Бартл?

Зборувала четири странски јазици, обожувала музика и цвеќе, а еден случаен оглас за работа целосно го променил нејзиниот живот.

Злата е родена во Сараево во 1920 година по завршување на гимназијата во Сараево завршува Филозофскиот факултет во Загреб каде се стекнала со звање: професорка по хемија, физика, математика и металургија. Се вратила во Сараево и започнала да работи како професорка.

Како млада жена желна за патувања и откривање нови работи, сакала истата љубопитност да ја поттикне кај учениците. Организирањето на патување со учениците во Италија ја довело во многу непријатна ситуација и судир со тогашните југословенски власти. Злата го напушта Сараево и го продолжува својот животен пат во Хрватска.

Еден снежно невреме кое ја принудило да остане во Загреб и го променил животот. Поради силната снежна бура биле затворени железничките пруги и таа деновите ги исполнувала со читање книги и списанија. Во едно списание наишла на оглас за работа која ќе и ја смени кариерата. Подравка барала хемиски техничар за работа во лабораторија. Злата се пријавила и два дена подоцна ја добила работата. Се преселила во Копривница, градот во кој таа го нашла својот дом и остварила кариера вредна за почит.

Фото: www.croatia.org

Со широк спектар на знаење со звање професорка по хемија, физика, математика и минералогија, Бартл била исклучително скромна и симпатична жена која освојувала со својата непосредност и оптимизам

Бројни награди

За својата работа Злата Бартл примила бројни награди, меѓу кои и Наградата за техничка култура на Хрватска, Наградата за животно дело за повеќегодишната работа и исклучителните достигнувања на Градот Копривница. Одликувана е со високи одличја од претседателот на Хрватска и ја примила „Златната куна“ на хрватската Стопанска комора за животно дело.

Луѓето што ја познавале велат дека била целосно рамнодушна кон материјалните работи. Повеќе сакала ручек направен со состојки на Подравка, кој сама ќе го приготви, отколку ручек во некој скап ресторан. Семејството од Подравка било единственото кое го имала од доаѓањето во Копривница до крајот на животот. Злата со колегите од Подравка со години делела еден оброк дневно. Последните години од животот ги поминала во пензионерскиот дом во Копривница, а скромно и тивко, како што и живеела, починала летото 2008 година на 89-годишна возраст.

Фото: Aрхива на Подравка

„Вегета го дава завршниот допир на секое јадење кое сакате да го приготвите, како некоја добра вила поради која бајката секогаш завршува со среќен крај. Цел живот сонував да создадам нешто корисно“

Нејзиниот придонес во развојот на Подравка е немерлив. Злата Бартл е синоним за посветеност, иновативност, вечна љубопитност и доследност.

Неодамна, по повод 100-годишнината од раѓањето на професорката Злата Бартл, една од најзначајните личности во богата историја на Подравка, се отвори најсовремената прехранбено-технолошка лабораторија во регионот.

Сподели!
- Advertisement -