МАИКА е најновата асистивна алатка зад која стои тимот на Emit Knowledge, компанија која изработува софтверски решенија и производи. Се работи за првата алатка на нашиот пазар која го претвора македонскиот текст во македонски говор. Наменета е за луѓето кои имаат дислексија или проблеми со видот или пак за оние кои сакаат да слушаат аудио текст на македонски јазик. Гласот со кој МАИКА говори е на познатата спикерка и водителка Лилјана Крстева. Ова е втората асистивна алатка, по додавката „Бато“, наменета за полесно читање на лицата со дислексија, која ја создаде Emit Knowledge и бесплатно ја понуди на читателите.
За МАИКА, разговараме со Марјан Николовски CEO и сопственик на Emit Knowledge.
Разговараше – Сања Наумовска
Г-дин Николовски, МАИКА е најновиот продукт на Emit Knowledge. Објаснете ни како функционира?
МАИКА е бесплатна алатка за конверзија на пишан текст на македонски јазик во говор, базиранa на длабоко учење. Алатката функционира така што корисникот внесува текст, кој минува низ низа на претпроцесирачки чекори, после кои се претвора во говор кoj му се дава како повратен одговор. Целокупниот процес за креирање на ваква алатка се состои од повеќе фази кои вклучуваат собирање на податоци, нивна обработка, креирање на алгоритмите за конверзија на текст во говор и циклус на тестирање и подобрување на решението. За да ги поминеме овие фази ни беа потребни шест месеци. За вакво решение не постои временско ограничување, бидејќи секогаш има простор за подобрување.
На прв поглед звучи интересно и забавно, но за кого е превенствено наменета МАИКА?
МАИКА е бесплатна алатка, достапна за сите луѓе кои имаат потреба од асистивна технологија. Тоа се пред се лицата кои имаат проблеми со видот и кои се оневозможени делумно или целосно да ги користат пишаните содржини кои се достапни на интернет. Исто така, МАИКА е многу корисна и финкционална за лицата кои имаат дислексија, или тешкотии со читањето и за кои аудио верзијата значи пристап до книги, списанија, лектири.. кои инаку им се недостапни заради обемноста. И секако, МАИКА е наменета за сите оние кои уживаат во аудио раскажан текст.
Во време кога многумина ги нагласуваат штетните последици од употреба на технологија, вие со неколку алатки го докажувате спротивното. Од каде ја црпите инспирацијата за креирање на вакви иновативни алатки?
Идејата првично доаѓа од потребата за креирање алатки кои ќе помогнат за збогатување на македонскиот јазик и револуционизирање на начинот на неговото користење; да оставиме наследство кое следните генерации ќе го надополнуваат и надградуваат.
Другата инспирација ce лицата со попреченост, особено лицата со оштетен вид, коишто во моментот немаат алатка за претворање на текст во говор на македонски јазик која е блиска на природниот говор. Недостатокот од ваква алатка им го отежнува нивното секојдневно функционирање во дигиталниот свет, кој со МАИКА ќе им биде многу подостапен, во секое време и на секое место.
Интересното име на алатката е спој помеѓу зборовите „мајка“ и “вештачка интелигенција” (Artificial intelligence)
МАИКА постои, но кои се планови за во иднина? Дали размислувате за подобрување на оваа алатка или за создавање нови?
Секако, размислуваме за иднината и за подобрување и проширување на решенијата кои ќе ги нуди МАИКА на своите корисници. Работиме на подобрување на тековното решение, а целта ни е да овозможиме подобар и попрецизен изговор. Исто така работиме на можност за интегрирање со API и за споделување на генерираниот текст. Имаме и други идеи кои сакаме да ги разработуваме во иднина. Тие одат во насока на обработка на звукот, меѓутоа кога ќе реализираме, ќе ги споделиме резултатите со јавноста и со корисниците на МАИКА.
Постојат ли вакви слични алатки во светот? Во што е МАИКА е уникатна?
Секако, ваков тип на алатки постојат во светот. Она што ја издвојува МАИКА од нив е што е првата алатка која е целосно функционална на нашиот, македонски јазик. Иновацијата е во тоа што за првпат во нашата земја имаме достапна ваков тип на технологија, наменета за овие и идните генерации кои ќе го користат нашиот јазик.
Целта е МАИКА да стане производ што ќе им помогне во секојдневието на лицата со дислексија и на слепите лица. Веќе работиме на интегрирање на МАИКА со Бато, екстензија за Chrome за луѓе со дислексија).
Вие го создадовте и додатокот „Бато“, наменет за полесно читање на лицата со дислексија. Планирате ли и други проекти во кои технологијата ќе ја ставите во функција на олеснување на животот на различни категории луѓе?
Секако да. Една од истражувачките цели на Emit Knowledge е со тимот да најдеме и работиме на решенија на општествените проблеми со кои што сите се соочуваме секојдневно. МАИКА и „Бато“ се резултат на таа наша работа, со која продолжуваме и во иднина. Од перспектива на „Бато“, во следниот период очекувајте оваа алатка да научи да чита.