„Домче” ја носи Македонија поблиску до децата во дијаспората

- Advertisement -

Во рамки на соработката меѓу Иновативност и Startup Club Skopje, започнуваме мини-серијал интервјуа со стартапите од третата инкубаторска програма за развој на бизнис идеи, #ИмамИдеја3.

Минатата недела беше заокружена програмата, која донесе 12 подготвени и перспективни стартапи со идеи насочени кон решавање реални предизвици и создавање нова вредност. Преку кратки Q&A интервјуа, ќе ги претставиме нивните основачи, приказните зад идеите и потенцијалот што го носат.

- Advertisement -

Први во серијалот се тимот зад Домче – апликација создадена за македонските деца во дијаспората, која преку игра, забава и интерактивни активности им помага да го учат македонскиот јазик, но и да се запознаат со културата, историјата и традициите на својата татковина.

Домче е создадено од Андријана Алексовска, Панче Караманов, Маја Арсовска Нича и Мирјана Димитров – четворица луѓе со различни професии и животни приказни, обединети околу заедничка мисија: да создадат простор што нема да биде само апликација, туку и чувство на дом за децата кои растат далеку од Македонија.

- Advertisement -

Во интервју за Иновативност, Андријана Алексовска открива како функционира платформата, кои активности им ги нуди на децата и како содржините се приспособуваат според нивното познавање на македонскиот јазик и кирилицата. Од гатанки, сложувалки и меморија, до брзозборки, наоѓање рима, поврзување слика со збор, пишување и препознавање букви – Домче го претвора учењето во искуство што ги поврзува децата со јазикот, корените и чувството на припадност.

Новинар- Сања Наумовска

- Advertisement -

Андријана, објаснете ни што е Домче и како дојдовте на идеја да креирате ваква платформа?

Домче е првата дигитална апликација за македонски деца во дијаспората на возраст од 4 до 12 години. Преку игра – сложувалки, меморија, гатанки, брзозборки – децата се запознаваат со нашиот јазик, култура, традиции и убавините на Македонија. Целото искуство е на македонски, а нашиот лик Маја ги води низ секоја активност и никогаш не ги прекорува, туку го слави секој нивен обид, затоа што целата филозофија зад Домче е детето во ниту еден момент да не почувствува притисок.

Идејата е моја, но дојде од луѓето што го живеат проблемот секојдневно. Конкретно идејата за Домче ми дојде на еден роденден каде мајка зборуваше на македонски, а ќерката одговараше на германски. Таа сцена ја имав видено многупати во претходните неколку години, но таа вечер ме погоди поинаку.

Се вратив дома и споделив анкета во Facebook групи на нашата дијаспора низ светот. Очекував педесетина одговори. За неколку дена добив 374, од седум земји. Проблемот беше очигледен, а решение не постоеше. Идејата се роди во ноември 2025, а реализацијата започна откако бевме примени во инкубаторската програма „Имам Идеја 3“ од Стартап клуб Скопје, поточно започнавме да ја развиваме апликацијата во јануари 2026.

Веб апликацијата ја лансиравме на 5 мај, Денот на македонскиот јазик – единствениот датум што имаше смисла. Од 9 јуни Домче е достапно и како мобилна апликација на iOS и Android. Домче работи на месечна или годишна претплата. Месечната претплата е 8.99 евра по семејство, каде што се вклучени до три деца, а се прилагодува на секое дете посебно. За годишната претплата семејствата добиваат два месеци бесплатно.

Што практично оваа платформа им нуди на децата кои живеат надвор од Македонија? Што се можат да научат, односно на кое ниво може да биде знаењето на македонскиот јазик преку користењето на Домче?

Домче нуди над 15 различни активности, гатанки, сложувалки, меморија, брзозборки, наоѓање рима, поврзување слика со збор, пишување и препознавање букви, итн. Активностите се прилагодуваат на познавањето на детето на македонскиот јазик и кирилицата. Должината на сесиите се прилагодува според годините, за помалите деца сесиите се пократки, за поголемите подолги.

Домче гради основа и врска со јазикот, секој ден, без притисок. Не ветуваме течно зборување од апликација, ниту тоа е целта. Домче го надополнува она што постои – разговорот со баба, саботното школо, патувањето во Македонија – со нешто достапно секој ден, на секое место.

За многу деца македонскиот е јазик што го разбираат, но не го зборуваат. Кога зборувавме со родителите, дознавме дека 1 од 3 деца чувствуваат срам кога разговараат со роднини во Македонија. Целта на Домче е да им помогне токму спротивното – детето гордо да го зборува својот мајчин јазик.

Домче, велите, е спој на игра и учење. Како успеавте да ги балансирате забавните елементи на играта со процесот на учење на јазикот?

Забавните елементи во Домче и процесот на учење не ги балансиравме како две спротивни работи. Кај Домче играта не е обвивка околу учењето, туку самата игра е учењето. Кога детето прави сложувалка од Охрид, тоа во истиот момент слуша објаснување за Охридското езеро, го гледа писмото и се запознава со местото. Не постои дел „сега е забава” и дел „сега е лекција”.

Она што свесно го отстранивме е сè што прави притисок. Во Домче нема оценки, нема црвени Х-ови и нема известувања што го потсетуваат детето дека пропуштило ден. Маја никогаш не прекорува или поправа, туку го слави секој обид. Детето секогаш завршува со чувство на успех, никогаш на пораз. Затоа што дете кое се чувствува успешно сака да се врати, а дете кое се враќа по своја желба – учи.

Сесиите се кратки намерно, а Домче ги памти омилените активности на детето и ги покажува почесто. Внимавме и боите да не бидат премногу силни, за да не го одвлекуваат вниманието на детето од играта и од она што го слуша и гледа. Целта не е детето да помине што повеќе време, туку да си замине со желба пак да дојде.

Како ги избирате содржините кои се учат преку платформата, не само за јазикот, туку и за културата, историјата, храната…? Имате ли стручни соработници кои ги прилагодуваат за различни возрасти и нивоа на познавање?

Содржината ја избираме ние, и таа доаѓа од повеќе страни. Најмногу од моето искуство во учењето. Работам како дизајнер на искуства за учење, бев асистент на факултетот каде што студирав, а пред тоа структурирав и водев и неформални работилници – па знам како се гради нешто што детето ќе го следи без да го доживее како лекција. Тука многу ми помагаат и Маја и Мирјана, кои на секоја одлука гледаат и низ призмата на родител. Покрај тоа, се консултирам со луѓе што работат со деца и постојано истражувам што функционира кај децата на оваа возраст.

За културата, историјата и местата внимаваме изборот да биде препознатлив и близок – Охрид, Галичка свадба, Водици, Велигден, Бадник, ајвар. Тоа се места, традиции и храна што детето ќе ги поврзе со дома и со посетите на Македонија, а не апстрактни факти што треба да се помнат. Засега немаме стручни соработници, содржината ја градиме во тимот. Како што Домче расте, планираме да вклучиме и стручни лица за јазикот и образованието, за да понудиме уште повеќе.

Како платформата се прилагодува на различните нивоа на познавање на мајчиниот јазик кај децата?

При првото отварање на Домче, родителот добива три прашања – колку години има детето, колку го познава македонскиот јазик и дали ја знае кирилицата. Од тие одговори зависи целото искуство што следи.

Дете кое допрва се запознава со јазикот и не ја знае кирилицата започнува со слики и звук. Маја кажува „баба”, детето ја бара меѓу сликите; прави сложувалка од Бадниковиот оган; ги црта буквите со прст по екран. Нема текст што се очекува да го прочита, Маја секаде го води детето гласовно.

Дете кое веќе разбира и ја чита кирилицата добива поинакви активности – наоѓа зборови, погодува гатанки, кажува брзозборки. Истата апликација, но сосема друго искуство, а Маја само слави со него и го охрабрува.

Затоа за нас возраста не е доволна. Седумгодишно дете кое македонскиот го слуша секој ден дома е сосема поинакво од седумгодишно дете кое го слуша само на Велигден кога ќе дојде баба. Домче ја знае таа разлика и тргнува оттаму каде што детето навистина е, не оттаму каде што „треба” да биде според годините.

Домче е веќе во употреба, колку корисници има и дали имате фидбек какво е нејзиното влијание кај децата и желбата за учењето на јазикот?

Домче го користат повеќе од 400 семејства, во неколку земји. Мобилната апликација на iOS и Android е достапна од 9 јуни, па бројот секојдневно се менува. Линкови до мобилната апликација за Play Store и App Store се достапни на www.domche.mk  

Фидбекот што најмногу ни значи не е бројка. Родителите ни кажуваат едноставна работа – децата сами бараат да играат повторно. Тоа, за нас, е поважно од секоја бројка. Дете кое само го бара таблетот за да слуша македонски е токму она што сакавме да се случи.

Дел од искуствата што ги добивме од родителите:

Домче е одлично и на прв поглед го заинтригира вниманието на детето – графички, звучно и содржајно. – Тања и Златко Ѓ., Германија

Многу му е интересно и сам побара денес пак да учи. – Даниела, Германија

Гатанките му оставија најголем впечаток. Брзо му одеше сфаќањето која буква како се чита и му беше интересно да го погоди значењето на зборот. – Сања, Чешка

Навистина ми се допадна историската позадина и приближувањето на македонската култура низ игра. Ќерка ми во ниту еден момент не сакаше да престане да игра. – Марија, Белгија

Го пробавме Домче веднаш и на децата им е интересно. Навистина им се допадна. – Андријана, Германија

Прекрасна апликација и едно големо браво. Ќерка ми неколку пати го проба Домче и неколку пати сама побара да игра. – Елена, Америка

Што се однесува до влијанието врз самото знаење – за тоа е рано да зборуваме со бројки. Вистинските сигнали за тоа како децата напредуваат се гледаат по неколку месеци, не по неколку недели. Засега она што го гледаме е дека децата се враќаат, и по своја желба. За нас, тоа е првиот и најважен знак.

Кои се најголемите предизвици за децата во дијаспората, а и за нивните семејства, кои се однесуваат на учењето и зачувувањето на мајчиниот јазик, но и генерално на културата на нивните претци?

Кога зборувавме со родителите што растат деца далеку од дома, разбравме дека најголемиот предизвик не е јазикот. Прашани од што најмногу се плашат, најголем дел не одговорија „детето ќе го заборави јазикот” – туку дека детето ќе ја изгуби врската. Со баба и дедо, со братучедите, со семејството, со местото од каде доаѓа.

Затоа Домче не го учи детето само јазик, туку јазикот е само вратата. Преку него детето ја запознава културата, ги разбира луѓето, ги чувствува корените. Кога таа врата ќе се затвори, не се губи само јазикот – се губи можноста детето да седне со баба си и да разговараат без мама да преведува. И тоа се случува тивко. Еден по еден разговор. Детето разбира сè, но одговара на туѓ јазик; повозрасните не го разбираат тоа, и разговорот завршува. Никој не забележува во моментот – а по неколку години детето доаѓа за празник и се чувствува странец таму каде што треба да се чувствува дома.

За родителите предизвикот е што го носат тоа сами. Секој во својот дом, во својот град, во својата земја, пробува што може – YouTube, сликовници, саботно школо, видео повици со баба и дедо – и често ништо не дава траен резултат. Од родителите со кои разговаравме, 49% рекоа дека не се задоволни од ниту еден метод што го пробале досега. Не затоа што не се трудат, туку затоа што решение направено за нивното дете – досега не постоеше.

Какво беше вашето искуство со „Имам Идеја 3“?

Започнавме со развивање на идејата за Домче откако бевме прифатени на „Имам Идеја 3“. Дотогаш Домче беше потврден проблем, тим и идеја во која веруваме – програмата ни помогна да ја претвориме во вистински производ. „Имам Идеја 3“ ни даваше нешто на секоја сесија — лекција, нова перспектива, поинаков начин да го погледнеме она што го градиме. Но моментот на кој најмногу се навраќам беше една недела пред демо-денот. Мирјана и јас седнавме на консултација со еден од менторите, Данчо Димков, и тој еден разговор го промени начинот на кој го гледавме Домче и неговата иднина. Во неделата што следеше донесовме неколку одлуки за промената на правецот на развој во следните неколку месеци.

Тоа е вредноста што програма како Имам Идеја 3 навистина ја носи – не сертификатот на крајот, туку разговорите по патот што го менуваат она што ќе го изградиш следно. И самиот демо-ден беше таков: луѓето со кои разговарав, нивните прашања и начинот на кој се вклучија во она што го градиме ни дадоа нешто да понесеме напред.

Им благодарам на тимот на StartUp Club Skopje за програмата и за сета поддршка и на сите ментори чие искуство и прашања го обликуваа начинот на кој денес го градиме Домче.

Какви се вашите планови за во иднина? Дали планирате проширување на платформата со нови содржини и можности?

Домче денес е апликација, но визијата е поголема. Чекор по чекор градиме платформа и заедница за македонските семејства што животот го градат надвор, а Македонија сакаат да ја задржат дома.

За децата, тоа значи место каде што постепено ќе има сè повеќе – освен игрите за јазикот, и приказни и нови начини да ја истражуваат Македонија. Уште ова лето планираме нови содржини за децата да се забавуваат на македонски.

За родителите, визијата е заедница. Денес секое семејство го носи овој предизвик само, секој во својот град, со свои средства. Сакаме Домче да биде местото каде што тоа престанува, место каде што родителите ќе знаат дека не се сами со ова прашање и не е доцна нивното дете да започне да се поврзува со корените.

Ќе растеме внимателно. Нема да додаваме работи само за да ги има – секоја нова содржина мора да помине низ истото правило како и сè досега: без притисок и со смисла за детето.

Секое дете, каде и да живее, заслужува да зборува со семејството на мајчиниот јазик, затоа што јазикот и културата се наследство што се пренесува со векови. Каде и да сме – тоа останува наше.

Долгорочно сакаме секое македонско дете во дијаспората да го има Домче на дофат. Не затоа што мора, туку затоа што сака.

- Advertisement -