Претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас ги повика земјите од Г-20 да разговараат за намалување на долговите на најсиромашните земји со цел да се минимизираат економските влијанија на пандемијата на коронавирус. Тој ја предложи таа иницијатива за време на видео-конференција со министрите за финансии и гувернерите на централните банки.
Според Малпас, пандемијата довела до „најголема глобална рецесија во последните децении”, влијаејќи особено на новите економии и затоа ги повика Г-20 да го отворат патот за консултации, како и за ефективни начини за намалување на нето сегашната вредност и на официјалниот билатерален и на трговскиот долг за најсиромашните земји.
Ве повикувам да ја продолжите иницијативата за прекин на исплатата на долговите до крајот на 2021 година, рече тој, истакнувајќи дека е потребна транспарентност на сите билатерални кредитори, вклучително и националните банки. Времето истекува. Треба да преземеме итни мерки за прекин на исплатата на долговите, да ги намалиме долговите, да најдеме механизми за нивно подмирување и да бидеме транспарентни, истакна Малпас.